Вишото јавно обвинителство во Белград му предложи на судот малолетникот да биде приведен за да не се влијае врз сведоците, да не се повтори кривичното дело за краток временски период и поради вознемирување на јавноста

Шеснаесетгодишник, кој е еден од осомничените за претепувањето до смрт на Ѓорѓе Мијатовиќ, братот на потпретседателот и министер на владата на Федерацијата Босна и Херцеговина, е изведен пред судија за малолетници на Вишиот суд во Белград, пренесуваат српските медиуми.
Вишото јавно обвинителство во Белград му предложи на судот малолетникот да биде приведен за да не се влијае врз сведоците, да не се повтори кривичното дело за краток временски период и поради вознемирување на јавноста.
Судот денеска ќе го сослуша малолетникот и ќе одлучува по предлогот за притвор.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ денеска изјави дека полицијата ги идентификувала двајцата напаѓачи, а еден од нив Ф. Б. веќе е уапсен.
Дачиќ, во изјава за медиумите по показната вежба на Секторот за вонредни состојби кај Ада Циганлија, рече дека вториот напаѓач е 17-годишник Н. З., кој преку мајка му рекол дека во текот на денот ќе се предаде, пренесува националниот сервис РТС.
Ѓорѓе Мијатовиќ (37), брат на потпретседателот на владата на Федерацијата БиХ и министер за развој и претприемништво Војин Мијатовиќ, во неделата во детски парк во Вождовац во Белград починал откако бил претепан од две лица.
До инцидентот дошло кога синот на Мијатовиќ се пожалил дека на игралиштето двајца мажи му ја украле топката. Мијатовиќ, според изјавите на сопругата, отишол да ја земе топката, а по кратка дискусија младите го нападнале и го претепале.
Информацијата на својот фејсбук-профил ја потврди и Војин Мијатовиќ кој објави и слика од својот брат.
