Со исплатата од шест милиони денари, како што изјави сопственикот на „Јофи турс“, Јовица Зафировски, ќе им се овозможи да возат редовно во наредните две недели
Приватните автобуски превозници во Скопје од утре ќе сообраќаат по редовен возен ред.

Сопственикот на „Јофи турс“, Јовица Зафировски, во изјава за МИА вели дека Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) „Скопје“ попладнево во 16 часот им исплатило по шест милиони денари на трите приватни превозници и дека од утре се враќаат на улиците по стандардниот возен ред.
„Сумата не е многу голема, меѓутоа ние кажавме да ни се уплати одредена сума за да можеме да продолжиме. Тоа задоволува за наредниве две недели да возиме редовно и се надеваме дека во тој период ќе имаме средства, односно уплата од ЈСП за да можеме да работиме без прекин“,
изјави Зафировски.
Додаде дека ЈСП мора редовно да им исплаќа средства за да нема прекин во сообраќајот.
Приватните автобуски превозници „Јофи бус“, „Вестор транс“, „Радос компани“ денеска возеа редуцирано откако во петокот предупредија дека нема да возат ако ЈСП не им го исплати вкупниот долг од 170 милиони денари.