Приватниците, откако добија предлог за зголемување на цената за изминат километар од 70 на 100 денари, рекоа дека ќе ги откажат блокадите што претходно ги најавија, а враќање на улиците најавуваат дека е можно од понеделник

Приватните автобуски превозници денеска повторно не сообраќаат по скопските улици, а така ќе биде и во текот на викендот. Приватните превозници чекаат да има вонредна седница на Советот на Град Скопје на која ќе се разгледува предлогот што вчера го договорија со советниците од ВМРО-ДПМНЕ за зголемување на цената за изминат километар од 70 на 100 денари.
Приватниците, по ваквиот предлог, рекоа дека ќе ги откажат блокадите што претходно ги најавија, а враќање на улиците најавуваат дека е можно од понеделник.
„Треба да направиме координација со нашите превозници, знаете дека финансиски ние сме исцрпени. Треба да видиме дали ќе ни се исплатат средствата, да видиме што ќе каже градот во однос на ова и откако ќе ја направиме консултацијата, ќе донесеме одлука од кога ќе почнеме да возиме. Се надевам дека од понеделник наместо блокади, ние ќе бидеме на скопските улици и ќе бидеме на сервис на градот Скопје“,
изјави синоќа по средбата Јовица Зафировски како претставник на приватните превозници.
Тој рече дека се задоволни од предлогот за зголемување на цената за изминат километар од 70 на 100 денари за кој рекоа дека иако е времена мерка, веруваат дека во понатамошните преговори и со градот и со советниците, ќе се изгласа некое трајно решение.
Приватните превозници вчера повторно се најдоа во фокусот на јавноста откако најавија дека од понеделник ќе ги блокираат улиците доколку не се исполни нивното барање за зголемување на цената за изминат километар.
Поради сериозноста на проблемот со приватните превозници, советниците во Град Скопје од редовите на СДСМ вчера испратија барање до претседателот на Советот Трајко Славески, да свика вонредна седница.
Од СДСМ велат дека поради префрлање на одговорноста за тоа кој е виновен и кој треба да го реши проблемот, граѓаните се соочуваат со недостиг на јавен превоз.
Според опозициската СДСМ, одговорноста за состојбата со јавниот превоз е директна вина на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, за кои велат „во континуитет одбиваат да гласаат за набавка на нови еко автобуси“.
Проблемот со јавниот градски превоз кулминираше и минатата недела кога автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие останаа без нафта откако беше поништена јавната набавка. Во сообраќај беа пуштени само 30-тина автобуси од кои 25 кои возат на природен гас и уште неколку кои имаат резерва на нафта. Со одлука на Владата беше одобрено од државните резерви да се отстапат 250 тони нафта кои според проценките треба да бидат доволни додека да се реализира новата јавна набавка за нафта.