Вчерашните ковид-19 статистики се рекордни по повеќе основи. Починаа најмногу пациенти за 24 часа, вкупно 15. Но, во исто време, последното деноноќие за кое има објавени резултати е рекордно и по бројот на тестови за ковид-19
Државните и приватните лаборатории го надминаа досегашниот рекорд на направени ковид-19 тестови за 24 часа. Во вчерашниот билтен на министерството за здравство се вели дека новите 173 заразени лица се детектирани од спроведени 1 653 тестови за присуство на коронавирусот.
Како што покажува графиконот подолу, кој ги содржи податоците за бројот на тестови на дневно ниво од 1 април, вчерашниот „резултат“ е убедливо највисок од почетокот на епидемијата во земјава. Досега, највисоките бројки на тестови се движеа нешто под 1 400 тестови за едно деноноќие.

Бројот на тестови скокна во јуни
Според официјалните податоци од министерството за здравство, евидентно е дека бројот на тестирања нагло се зголеми во месецот јуни. Односно, во април имало 12 753 теста, во мај маргинално повеќе или 13 120, додека во јуни таа бројка е зголемена за близу два и пол пати на 31 138 теста. Во двата дена од јули веќе се направени 2 607 теста, па ако дневниот просек продолжи до крајот на месецот, би требало да се очекуваат близу 40 000 теста.

Сепак, ако се разгледа состојбата со бројот на тестирања по недели, сликата не е толку црно-бела. Така во април, на неделно ниво, имало речиси константен број тестови секоја недела. Откако се смири заразата, падна и бројот на тестови. Затоа, во првите две недели од мај има помалку тестови, но од средината на тој месец почнува повторно да се зголемува тестирањето. Најмногу тестови досега се направени во неделата меѓу 16 и 23 јуни, 8 134. Тековната недела, веќе бележи 2 607 теста, или за само два дена се тестирани онолку луѓе колку што се тестираа за цела недела во некои периоди во април и во мај.

Приватните го „земаа“ приматот од државните лаборатории
За да може да се прават повеќе тестови, Министерството за здравство во текот на кризата ангажираше дополнителни ресурси. Така, освен Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје, тестови почнаа да прават и МАНУ, лабораторијата на Ветеринарниот факултет, Институтот за судска медицина и други.
Но, уште од стартот на кризата, тестови понудија и приватните болници и лаборатории. Во моментов, тоа го прават лабораториите „Биотек“ и „Авицена“ и болниците „Филип втори“ и „Систина“ (PCR-метода).
Ако се погледне колку тестови правеле државните и приватните лаборатории на стартот на епидемијата и сега, очигледно е дека и едните и другите го зголемиле бројот на тестови. Но има значителни разлики колку „напредувале“ едните а колку другите.
На пример, како што покажува графиконот подолу, на 15 април е известено дека во последните 24 часа се направени 500 тестови, од кои 334 (67%) се направени во државните лаборатории а 166 (33%) во приватните. Според информациите од 17 јуни, кога беа направени 1 391 тест, 789 (57%) од тестовите биле направени во државните лаборатории а 602 (43%) се направени во приватните. Последните податоци на Институтот за јавно здравје, кои се од вчера, покажуваат дека од вкупните 954 тестови спроведени на 30 јуни само 402 (42%) се направени во државни лаборатории а 551 (58%) во приватни. Еден тест е направен во странство.

Бројките покажуваат дека се повеќе граѓани одлучуваат да се тестираат на приватно но и дека, за разлика од почетокот на епидемијата, приватните лаборатории почнуваат да го преземаат приматот според бројот на тестирања во одредени денови.