Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, донесе наредба за спроведување истражна постапка против шест лица, кои се осомничени дека сториле кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“
Приитвор за шестмината приведени во вчерашната акција за заплена на дрога бара Обвинителството за организиран криминал, од каде што соопштуваат дека осомничените во текот на денот ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка.
Од Обвинителството велат дека оваа акција е спроведена по повеќемесечна постапка, координирана и по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Одделот за криминалистичка полиција, во соработка со Одделот за спречување организиран и сериозен криминал и Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, а со асистенција на американската служба за борба против дрога – ДЕА и Основното јавно обвинителство – Кавадарци .
„Постапувајќи по кривичната пријава, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, донесе наредба за спроведување истражна постапка против шест лица, кои се осомничени дека сториле кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”, предвидено и казниво по член 215 став 3 од Кривичниот законик“,
соопштија од Обвинителството.
Како што наведуваат од Обвинителството, осомничените неовластено, заради продажба, набавиле, држеле и пренесувале наркотична дрога марихуана со вкупна тежина од 199, 444 килограми. На почетокот на овој месец, првоосомничениот струмичанец (34), откако пронашол потенцијални купувачи на марихуаната, договорил неовластена набавка со второосомничениот скопјанец (45), кој дрогата ја држел на засега неутврдена локација. Тој ги ангажирал другите осомничени, така што 36 годишен битолчанец требал неовластено да ја пренесе дрогата од неутврдената локација до паркинг во с.Радобил, Прилепско, придружуван со возила од останатите осомничени – 24-годишен скопјанец, 46-годишен прилепчанец и 24-годишен кумановец.
Од Обвинителството велат дека купопродажбата на 200 кг. марихуана, за засега неутврдена сума, била договорена со НН лице од Грција и требало да се реализира во текот на вчерашниот ден на паркинг просторот во с.Радобил. Првоосомничениот откако со второосомничениот ги договориле деталите на примопредавањето на дрогата и улогите на останатите осомничени се упатил кон Гевгелија.
Наркотичната дрога, спакувана во 40 картонски кутии, била префрлена од ТМВ марка „Ивеко“, со македонски регистарски ознаки во ТМВ комбе „Цитроен џампер“ со грчки таблици, а осомничените се упатиле во различни правци, велат од Обвинителството.
Осомничениот кој го управувал ТМВ „Ивеко“ се упатил кон Прилеп, додека другите осомничени со три возила и со возилото во кое била дрогата, движејќи се во колона еден зад друг, се упатиле на магистралниот пат Прилеп-Градско во правец кон Градско. Кога пристигнале на клучката за с.Раец биле запрени од полициски службеници и, по извршениот претрес, лишени од слобода. Во исто време, во Прилеп е лишен од слобода осомничениот што го управувал ТМВ „Ивеко“, а во Гевгелија, на бензинска пумпа, бил лишен и првоосомничениот – организатор на криминалната група.
„Во текот на вчерашниот ден, по наредба на јавен обвинител и добиена наредба од судија на претходна постапка, во соработка со Комисијата за оценување на исполнетост на условите и контрола за производство на медицински канабис при Министерството за здравство, во текот на ноќта е извршена контрола и во две фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и во Битола“,
се наведува во соопштението на Обвинителството, каде што се посочува дека, ценејќи дека се исполнети условите, обвинителот ќе му предложи на судот на осомничените да им биде изречена мерка притвор