Во два наврати, за два различни објекти, наместо да констатира неправилности таа побарала поткуп и се стекнала со противправна имотна корист од 4 000 евра

Основното јавно обвинителство Куманово спроведе истражна постапка против 60-годишна осомничена, за која постои основано сомнение дека преку позицијата градежен инспектор сторила кривичнo делo – примање поткуп.
Обвинителството побарало мерка притвор за осомничената, кое е прифатено од Судот и нејзе ѝ е определен притвор во траење од 30 дена.
Истрагата е поведена бидејќи осомничената на 1 ноември во ресторан во Куманово, во својство на службено лице – градежен инспектор во Општина Куманово побарала и примила подарок за да не изврши службено дејствие што би морала да го изврши, со што прибавила поголема имотна корист.
„Уште во текот на август годинава таа извршила увид на лице место на градба лоцирана на улицата ‘Доне Божинов’ и констатирала отстапување од одобрението за реконструкција на објект. Наместо согласно своето службено овластување да изготви записник за извршен инспекциски надзор и Решение за отстранување на доградените делови на објектот, од оштетениот изведувач на градбата директно побарала да ѝ даде поткуп во износ од 1 500 евра. Кога во септември пријавената била разрешена од функцијата раководител на градежна инспекција и била назначена за овластен инспектор, отишла во контрола на друг објект во изградба, каде управител на фирмата изведувач повторно бил истиот оштетен. И таму констатирала неправилности во фаза на градба – отстапување на одобрение за градење, но повторно не составила записник за извршен инспекциски надзор и решение за отстранување на констатираните недостатоци на градбата, туку се сретнала со оштетениот и побрала поткуп дополнително уште 2 500 евра или вкупно 4 000 евра за двата објекти“,
соопшти Обвинителството.
Парите ѝ биле исплатени во целост во готовина на рака на 1 ноември, со што пријавената се стекнала со противправна имотна корист.