Во период од 12 септември лани до 25 февруари годинава, осомничениот преку Вибер и Фејсбук настојувал да обезбеди контакт со градоначалникот на Неготино во обид да го принуди да издејствува повлекување кривична постапка
Дваесет и осумгодишен жител на Неготино заврши во притвор поради сомнение дека го демнел градоначалникот на Неготино, Горан Стојанов. Според извештајот на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кавадарци, осомничениот во период од 12 септември лани до 25 февруари годинава преку Вибер и Фејсбук настојувал да обезбеди контакт со градоначалникот во обид да го принуди да издејствува повлекување кривична постапка.

На градоначалникот му испраќал текстуални пораки, линкови и фотографии со заканувачка содржина.
„Имено, против сега осомничениот се води претходна кривична постапка за присилба, во која кон него биле изречени и мерки на претпазливост, вклучувајќи и забрана за воспоставување комуникација со оштетениот градоначалник. Наспроти ваквите мерки определени од Судот, осомничениот продолжил да го контактира градоначалникот и да му се заканува, предизвикувајќи кај него чувство на несигурност, вознемиреност и страв за неговата и за сигурноста на неговите блиски“,
информираат од кавадаречкото обвинителство.
На предлог на Обвинителството, Судот во Неготино му одреди притвор на осомничениот.