Надлежен јавен обвинител од ОЈО-Велес до судија на претходна постапка поднесе предлог за определување мерка притвор против тројцата осомничени кои беа приведени откако беа фатени со приближно 100 килограми марихуана. Судијата го прифати предлогот и на осомничените им определи притвор во траење од 30 дена.
Како што информираат од Основното јавно обвинителство Велес, донесена е наредба за спроведување истражна постапка против три лица од Блаце осомничени за кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

„Осомничените на 15 декември на автопатот Скопје-Велес, неовластено заради продажба пренесувале наркотична дрога – марихуана во количина од 99,95 килограми. Дрогата била сместена во девет црни најлонски вреќи во багажникот и на задните седишта од патнички автомобил ‘бе-ем-ве’. Овластени полициски службеници ги сопреле на наплатна станица при што ја пронашле и ја одзеле марихуаната“,
се вели во соопштението.
Претходно, Министерството за внатрешни работи информираше дека во координирана полициска акција вчера биле приведени три лица и запленети околу 100 килограми марихуана, по претходно добиени оперативни сознанија од истрагата во врска со камион во кој пред околу еден месец се транспортирала марихуана, а излетал на патот Скопје-Велес.