Независноста на судството, рече таа, е од суштинско значење од аспект на претстојните избори и само независни судии кои дејствуваат објективно и правично можат да го запазат владеењето на правото и да ги заштитат граѓаните
Говорејќи во насока на идните предизвици, претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска ја потенцира нужноста од проширување на надлежноста на Уставниот суд во делот на индивидуалната заштита преку воведувањето на институтот уставна жалба. За ваквата иницијатива таа, како и претходно, доби безрезервна поддршка од шефот на државата Стево Пендаровски кој рече дека овој чекор ќе го зајакне системот за заштита на човековите права и слободи
Притисоците врз судската власт во Северна Македонија е нешто што мора да престане, судиите мора да бидат слободни за да можат да го практикуваат правото бидејќи граѓаните на оваа земја имаат потреба од тоа и сè повеќе го бараат тоа. Ова денеска го порача американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер во нејзиното обраќање по повод настанот со кој се одбележува јубилејната 60-годишнина од постоењето на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Независноста на судството и суштинското значење кое го има во обезбедувањето на транспарентно и правично општество беше во фокусот на говорот на Агелер пред присутните во салата под куполата на македонското Собрание, каде што се одржува настанот, проследен со конференција на тема – „Уставно-судска заштита на слободата на мислата и слободата на јавно изразување на мислата“.
Честитајќи им го јубилејот на претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска и на нејзините колеги судии, американските амбасадорка подвлече дека шест декади ова тело е носител на виталната и нужна одговорност на чување и заштита на основните права на граѓаните.
„Овој суд е од суштинско значење за да се овозможи транспарентно и правично општество. Сите треба да ја почитуваат независноста на судиите, кои што треба да бидат слепи за политичките влијанија и јавните мислења и да бидат водени од начелата коишто се втемелени во нашите устави. Американскиот судија сè уште смета дека нашиот Устав не е напишан во песок за да може да се измие со секој бран од нови судии коишто се под политичко влијание. Притисокот којшто е ставен на судиите во овие судови може да биде огромен. Ние како граѓани инсистираме тие притисоци да бидат елиминирани и тие судии секогаш да бидат независни без оглед на нивното потекло и нивните мислења“,
рече Агелер.
Независноста на судството рече таа е од суштинско значење од аспект на претстојните избори и само независни судии кои дејствуваат објективно и правично можат да го запазат владеењето на правото и да ги заштитат граѓаните.
„Јас имам слушнато од многу од вас за притисоците коишто се ставени врз вас. Притисоците врз судската власт во Северна Македонија е нешто што мора да престане, судиите мора да бидат слободни за да можат да го практикуваат правото. Граѓаните на оваа земја имаат потреба од тоа и се повеќе го бараат тоа“,
порача Агелер.
Таа, честитајќи го јубилејот, му посака уште 60 продуктивни години на Уставниот суд во кои, како што рече, ќе ги запазува принципите врз кои се темели овој суд – правдата и правичноста.
„И ви ветувам дека Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ве поддржуваат во овие напори“,
подвлече Агелер.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во земјава, амбасадорот Килијан Вал, со чија поддршка се организира денешниот настан, порача дека Мисијата ќе продолжи да го поддржува Судот за да продолжи да служи како цврст столб во заштитата на човековите права и владеењето на правото.
„Ние сме на оваа пресвртница кога го прославуваме минатото и гледаме со оптимизам кон иднината и колективно се залагаме за успешно патешествие на Уставниот суд. Мисијата на ОБСЕ во Скопје секогаш ќе биде ваш стабилен партнер што се потврдува со меморандумот за соработка склучен со Уставниот суд за да се зајакнат капацитетите на овој суд. Заедно со нашите партнери ќе го поддржуваме Судот кој ќе продолжи да служи како цврст столб за заштита на човековите права, владеењето на правото и демократијата во Северна Македонија“,
рече Вал.

Шеесет години постоење на Уставен суд е само потврда на капацитетите на нашиот систем и доказ за истрајноста и непоколебливиот пристап во изградбата на правната држава. Согледувајќи ја уставно правната матрица, не може а да не се констатира дека волјата на владеењето на правото е посилна од сите системско политички аномалии, рече Добрила Кацарска, претседателка на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска во нејзиното воведно обраќање, посакувајќи им добредојде на големиот број гости и учесници на настанот од земјава и од странство, посочи дека самиот факт што овој јубилеј е двојно подолг од нашата самостојност како држава упатува упатува дека чуварите на Уставот, низ премрежиња и комплексни ситуации, покажале детерминираност и наклон кон правните принципине и вредности.
Говорејќи во насока на идните предизвици, таа ја потенцира нужноста од проширување на надлежноста на Уставниот суд во делот на индивидуалната заштита преку воведувањето на институтот уставна жалба.
„Во уставно-правната теорија таа можност е дефинирана како уставна тужба или уставна жалба, во пракса, тоа би значело заштита за сите слободи и права на граѓаните“,
рече Кацарска.

Обраќајќи се до носителите на највисоките државни функции, претседателката на Уставниот суд побара да влијаат врз процесите на дополнување и зајакнување на Судот. Таа ги охрабри и граѓаните да бараат правна заштита од Уставниот суд, пред, како што кажа, да се се изложат на финансиски последици надвор од државата.
На отворањето на меѓународната конференција се обрати претседателот на државата Стево Пендаровски, кој меѓу другото рече дека Уставниот суд во иднина треба уште поактивно да се профилира како заштитник на човековите права и слободи. Во тој контекст шефот на државата изрази безрезервна поддршка на иницијативата на претседателката на Уставен за воведување на уставната тужба.
„Се надевам дека во блиска иднина и политичката, покрај стручната јавност, ќе го разбере значењето на воведувањето на уставната тужба како важен сегмент на реформите и чекор кон зајакнување на системот за заштита на човековите права и слободи“,
рече шефот на државата.

Во таа насока, тој ја истакна важноста на неколкуте одлуки на Уставниот суд поврзани со утврдување повреда на правото на слободно изразување на мислата, заштитено со нашиот Устав, реферирајќи на одлуките што судот ги донесе во последниот период во однос на настаните од 27 април 2017 година или „крвавиот четврток“, кои се случија токму во зградата на Собранието, каде што се одржува конференцијата.
На отворањето на конференцијата свои обраќања имаат и претседателот на Собранието, Јован Митрески, техничкиот премиер Талат Џафери, министерот за правда Кренар Лога, како и амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер и заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија, Бен Нупнау.