МВР од утре ќе ги дистрибуира налепниците до сите станици за технички преглед на возила низ земјава од каде што граѓаните ќе може да ги земат бесплатно. Налепница со ознаката NMK мора да ја имаат сите возила чии регистарски таблички се со кодот МК
Налепниците со ознаката NMK за регистарските таблички пристигнаа во Министерството за внатрешни работи (МВР) на само четири дена пред крајниот рок до кога граѓаните треба треба да ги стават на своите возила ако по 12 февруари сакаат да патуваат надвор од земјава.
Министерството од утре ќе ги дистрибуира налепниците до сите станици за технички преглед на возила низ земјава од каде што граѓаните ќе може да ги земат бесплатно. Налепница со ознаката NMK мора да ја имаат сите возила чии регистарски таблички се со ознаката МК.
„Од утре ќе почне постапката за дистрибуција на налепниците со ознака NMK до референтите за сообраќај во подрачните станици за технички преглед низ цела држава од каде граѓаните ќе може да ги подигнат“,
информираат од МВР.
За набавката на налепници и регистарски таблички со новата ознака NМК, Министерството за внатрешни работи во декември лани склучи договор за јавна набавка со фирмата „Квантум“ од Скопје заедно со германската компанија „ЕХА Хофман интернационал“. За оваа цел, МВР ќе потроши 2,29 милиони евра (141,6 милиони денари) во период од три години, колку што предвидува договорот за набавката.
Минатата недела МВР првично соопшти дека граѓаните ќе може да ги набават налепниците по симболична цена, од 30 до 50 денари, за по неколку дена да одлучи дека налепниците со кодот NMK ќе бидат бесплатни.