Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, вели дека во лозарството се случи елементарна непогода поради природните околности. Според него, квалитетот на грозјето годинава не е како што се очекувало, но како Влада преземни се неопходни мерки со цел да продолжи откупот.
„Квалитетот на грозјето годинава не е таков како што очекувавме и поради природните околности во лозарството има речиси елементарна непогода, но со мерките што ги презеде Владата сите лозари што ќе го предадат грозјето добиваат осум денари од државата, ако се земат предвид сите мерки заедно, и плус тоа што ќе го добијат од откупувачите“,
рече Хоџа одговарајаќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека ситуацијата во која се најде лозарството не зависи многу од човечкиот фактор.
„Преку мерките што ги презедовме како Влада успеавме донекаде да излеземе во пресрет за да не се случи најлошото. Доколку не преземевме ништо грозјето кое беше под квалитетот и без технолошка зрелост ќе требаше да остане на лозјата, а тоа ќе беше најголем проблем“,
додаде Хоџа.
Тој вели дека ситуацијата се следи секојдневно и се во постојан контакт со Државниот инспекторат за земјоделство.
„И ние и лозарите сме свесни за ситуацијата и преку дијалогот и партнерството со винарските визби помагаме да се откупи што поголемо количество на грозје за да го избегнеме најлошото“,
додава Хоџа.