Вакцината за ковид-19 нема да биде задолжителна и ќе биде бесплатна
Приоритет за вакцинирање за ковид-19 ќе имаат здравствените работници кои се директно поврзани со лекување пациенти со ковид-19 и оние кои земаат брисеви. Предност ќе имаат и луѓето над 65 години, хронично болните, односно лицата со респираторни, малигни и кардиоваскуларни заболувања и вработени во транспортот.
Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција рече и дека започнале интензивни подготовки со цел да има ефикасен процес на вакцинација и дека веќе се обезбедени 833 000 дози вакцини за 400 000 граѓани.
„Веќе се обезбедени вакцини за 400 000 граѓани преку механизмот Ковакс, во рамките на овој систем ќе ги добиваме вакцините и очекуваме конкретна информација од нив. Веќе доставивме барања до ‘Астра Зенека’ и ‘Фајзер’ и после иницијални нивни одговори чекаме и дефинитивна потврда дека дополнителна количина ќе може да набавиме директно од компаниите. И третиот механизам е преку дел од земјите од ЕУ, од нивните директни билатерални договори со дел од компаниите. Иницијално, понуда добивме од Полска и Грција и за тоа веќе аплициравме за 800 000 дополнителни дози“,
рече Филипче.
Вакцината за ковид-19 нема да биде задолжителна и ќе биде бесплатна за граѓаните.
Министерот вели дека во јануари треба да стигнат и фрижидери за чување на вакцините, преку донација од американска фондација. Вакцинацијата ќе се врши на вакцинални пунктови и болниците, а претходно ќе има брз тренинг за сите здравствени работници.