Прашан во врска со одржувањето на завршниот митинг на „Вреди“ пред парламентарните избори на 8 мај и дали остануваат на веќе договорената локација на плоштадот во Тетово, Меџити рече дека тој ќе се одржи, а за тоа веќе имаат добиено дозвола од Општината и оти е најавено во полициска станица

Изет Меџити, лидерот на партијата Демократско движење, кој е дел од коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците, вели дека се заинтересирани да придонесат и да бидат фактор за влада која ќе биде европски ориентирана.
Меџити денеска во изјава за медиумите рече дека нема дилеми во врска со тоа кој е ставот на „Вреди“ за евроинтеграциите. Меџити ставот го изнесе одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали веќе имаат разговарано со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за ова прашање со оглед на тоа што тој вели оти не прифаќаат уцени за уставните измени.
„Ние и порано и сега кажавме дека сме заинтересирани да бидеме фактор за влада, која ќе биде европски ориентирана кон НАТО и ЕУ. За нас тоа е приоритет, но сега сме фокусирани на кампањата, на нашата програма и контактите со граѓаните, а кога ќе седнеме овие ставови ќе ги разговараме на маса. Нашиот став е јасен и нема дилеми околу тоа кој е ставот на ’Вреди’ околу евроинтеграциите“,
рече тој.
Прашан во врска со одржувањето на завршниот митинг на „Вреди“ пред парламентарните избори на 8 мај и дали остануваат на веќе договорената локација на плоштадот во Тетово, Меџити рече дека тој ќе се одржи, а за тоа веќе имаат добиено дозвола од Општината и оти е најавен во полициска станица.
„Пред сè и над сè за нас ќе биде 8 мај и до тогаш да биде мирно, позитивно бидејќи само на тој начин ќе има услови за граѓаните да излезат и да го кажат своето мислење и со својот глас да ги однесат ДУИ во опозиција“,
рече Меџити.
Меџити додаде и дека постојано се соочуваат со провокации од страна на „Европски фронт“ кои, како што рече, сакаат инциденти оти само на тој начин може да ја дефокусираат јавноста и да бегаат од големата загуба што ги чека.
„Ние за митинг го одредивме плоштадот ’Скендербег’, тие на истиот ден беа на плоштадот ’Македонија’, а знаеме дека луѓето таму поминуваат. За да се избегнат инциденти, ние еден ден пролонгиравме, отидовме во Гостивар, па наредниот ден бевме на ’Скендербег’. Дојдоа да провоцираат и да слават пред штабот на ’Вреди’, имаше провокација од Артан Груби пред Општина Чаир . Иако се ова парламентарни избори, иако цело време викаат дека нивни фокус се големите партии, а не ’Вреди’, сепак беа во Чаир и имаше провокации кон нас од видни членови на ДУИ“,
рече Меџити.
Меџити, додавајќи „заради нив имаше убивања, пукање, ранети и на граѓаните им нанесоа многу последици од нивните политики“, рече дека сега повторно мислат на такви методи.
„Ние како опозиција, како ‘Вреди’ цело време избегнувавме провокации бидејќи ние гласот од граѓанинот го бараме за да му го подобриме животот, а не да му нанесеме вакви глупости и потешкотии“,
додаде Меџити.
Во врска со одржувањето на завршните митинзи на „Европскиот фронт“ и на „Вреди“, кои се закажани за 6 мај на плоштадот во Тетово, вчера реагираа од коалицијата предводен од ДУИ кои преку писмено соопштение изразија разочарување и загриженост од, како што велат, ненадејната одлука на опозицијата за одржување на нивниот митинг истиот ден и на истото место.
„Ние имаме потврда од полицијата и повеќе од една недела најавуваме дека на 6 мај ќе го одржиме завршниот митинг на плоштадот во Тетово. Оваа постапка на опозицијата, која дури денеска излезе во јавноста, не само што е очигледно кршење на принципите на взаемно разбирање и координација кои треба да преовладуваат во политичките активности, туку и непотребна провокација која може да ја загрози јавната безбедност и мирот“,
беше наведено во соопштението од „Европски фронт“.
Оттаму побараа „Вреди“ да ја преиспита својата одлука и да избере друг датум за нивната активност, за двете партии слободно и непречено да ги искажат своите ставови и програми, а нивните поддржувачи ги повикаа на смиреност и достоинствено однесување воздржувајќи се од секаков облик на провокација.