Исклучок од ова, додаваат од Народната банка, ќе има на одредени приливи поврзани со капиталните трансакции за коишто се предвидени законски ограничувања до влезот на земјата во Европската Унија

Приливите од странство што ги имаат примачите во земјава ќе им бидат ставени на располагање на платежната сметка веднаш, а најдоцна следниот работен ден, без приложување документи за причината на приливот кај најголемиот дел од приливите од странство, велат од Народната банка.
Исклучок од ова, додаваат од Народната банка, ќе има на одредени приливи поврзани со капиталните трансакции за коишто се предвидени законски ограничувања до влезот на земјата во Европската Унија.
Според Игор Величковски, директорот на Секторот за операции на финансиски пазари и платни системи, активностите што ги презема Народната банка за олеснување на извршувањето на приливните плаќања, вклучувајќи ги и приливите врз основа на доход којшто се остварува во странство доаѓаат по влезот во СЕПА (Единствената област за плаќања во евра) што ќе овозможи побрзи и поевтини плаќања во двете насоки, како за одливи, така и за приливи.
Одговорот на Величковски дадено во интервју за Македонското радио се однесува на многуте прашања коишто ги поставуваат младите кои работат за фирми во странство, а платата ја примаат на својата девизна сметка во земјава.
Величковски нагласи дека со влезот во СЕПА преносот на парични средства во евра ќе стане уште поедноставен и побрз, овозможувајќи им на граѓаните и компаниите преку користење на своите мобилни апликации или електронското банкарство да ги извршуваат плаќањата во евра на лесен начин со внесување минимален сет податоци во платниот налог.
„За пренос на средствата ќе бидат потребни само неопходните податоци за извршување на плаќањето, како што се називот и бројот на сметката на плаќачот и примачот, износот и основата за плаќањето, со што значително ќе се олесни иницирањето на плаќањата од граѓаните и компаниите во кое било време и место. Плаќањата со кредитни трансфери во евра од која било земја членка ќе се извршуваат за неколку часа во текот на денот, додека инстант плаќањата во евра за помалку од 10 секунди“,
истакна Величковски.
Тој се осврна и на последните податоци од платежната статистика на Народната банка за 2024 година од кои се согледува дека два од три електронски платни налози во денари во земјава се извршени од граѓаните со користење мобилни апликации. Притоа, на граѓаните им е сѐ поважна едноставноста и брзината на плаќањата, поради што користењето на мобилните апликации бележи годишен раст од 47 отсто кај бројот, односно 72 отсто кај вредноста на остварените трансакции.