Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, каде што мнозинство имаат демократите, денеска ќе гласа за резолуција која има за цел да ги ограничи овластувањата на претседателот на САД, Доналд Трамп, да покрене воена акција против Иран, најави претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси.
Таа додаде дека гласањето ќе се одржи бидејќи одредени членови на Конгресот се загрижени поради тоа што администрацијата на Трамп за време на брифингот со пратениците не ги изнела стратегијата и одлуките.
Изјавата на Пелоси следува откако вчера со десетици ракети беа нападнати две воени бази во Ирак, во кои се стационирани американски војници, а Иранската револуционерна гарда презеде одговорност за нападот, како одмазда за убиството на командантот на единицата „Кудс“, Касим Сулејмани.
Пелоси посочи дека убиството на Сулејмани, извршено од администрацијата на Трамп, ги загрози американските војници, дипломати и други ризикувајќи сериозна ескалација на тензиите со Иран.
По гласањето во Претставничкиот дом, резолуцијата потоа ќе се најде пред Сенатот каде што, пак, контролата ја имаат републиканците. Вчера двајца републиканци сигнализираа дека би можеле да ја поддржат, со што се отвора можност за тесен резултат од гласањето.
*поврзани вести
„Подготвени сме на се“ најави Трамп, но прво ќе бидат воведени санкции спрема Иран