Една од точките на кои било разговарано на денешниот состанок на претседателството на ДУИ била и неодамнешната посета на САД на премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи и средбите со високи претставници на американската администрација, кои, како што било заклучено на состанокот, се одржале во клучно време кога се прават напори за иднината на државата и се носат важни одлуки за граѓаните на земјава
Претседателството на ДУИ денеска одржа состанок на кој била разгледана актуелната политичка состојба во земјава, а една од точките на која разговарале членовите на органот на партијата била и посетата на САД на премиерот Димитар Ковачевски и шефот на дипломатијата Бујар Османи и разговорите на владините претставници со високи претставници на американската администрација.

Посетата на САД од претседателството на ДУИ била оценета како исклучително значајна и успешна, се вели во соопштението од партијата насловено „Непоколебливи сме на евро-американскиот курс, ја поздравуваме американската поддршка за нашите евроинтеграции“.
Средбите во САД, како што наведуваат од партијата, се одржале во клучно време кога се прават напори за иднината на државата и се носат важни одлуки за граѓаните.
„На сите средби со највисокиот врв на американската држава беше добиена целосна и јасна поддршка за европскиот пат по кој земјата решително оди. Позитивните пораки од американската влада се резултат на довербата во посветеноста на Владата на Северна Македонија на демократските принципи и европската интеграција. Нашата држава е препознаена како фактор на регионална стабилност, а односите со САД се на историски највисоко ниво“,
се наведува во соопштението.
Претставниците на Соединетите Американски Држави, се додава во него, ги препознаваат и поддржуваат напорите за исполнување на ригорозните критериуми на ЕУ и посветеноста во спроведувањето на виталните реформи во сите сегменти.
Пораките од нашите стратешки партнери, велат од ДУИ, се потврда и за правилната политика и правец кои ДУИ доследно и бескомпрмисно го следи.
„Ги повикуваме сите политички партии и пратеници да се приклучат и дадат поддршка за европската иднина на земјата. Ова се историски моменти за иднината на земјата, време е за лидерство и храброст“,
повикуваат од партијата на Али Ахмети.
Седнат до премиерот Димитар Ковачевски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска присуствуваше на средбата на премиерот и лидер на СДСМ со коалициските партнери.
По средбата, Ковачевски во изјава за медиумите рече дека полноправното членство во ЕУ до 2030 година е амбициозна, но достижна цел. Со коалициските партнери се сложиле дека заедничка цел на земјата е да оди напред и да се движи со демократскиот и прогресивниот свет, во која, како што посочи, нè поддржуваат и нашите стратешки партнери.
Премиерот повтори дека ВМРО-ДПМНЕ многу брзо ќе мора да одлучи дали ќе се приклучи на европскиот блок или ќе остане во заложништво на Левица.
Вчера Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) одржа седница на Централниот одбор на партијата, по која социјалдемократите излегоа со порака дека е време за глас за Европа во македонското Собрание за продолжување на европскиот пат.
На состанокот, како што соопштија од партијата, биле донесени серија заклучоци, кои се однесуваат на продолжување на евроинтеграцискиот процес на земјава за што, пак, е потребно двотретинско мнозинство во Собранието за уставни измени со кои Бугарите ќе се внесат во Преамбулата од Уставот.