В.д. претседателот на Врховниот суд, Фаик Арслани, не знае кога затворската казна на ексминистерката Гордана Јанкулоска за набавката на блиндираниот „мерцедес“ ќе дојде на дневен ред, но најави дека е можно тоа да се случи и до крајот на оваа недела.
„Дадов забрана да се решаваат предметите од 2019 година додека не завршиме со предметите кои беа пронајдени при примопредавањето на функцијата претседател на Врховниот суд. Веќе ги завршивме тие предмети и сега на ред се предметите од 2019 година, меѓу кои и барањето за вонредно поништување на правосилната пресуда за Јанкулоска. Верувам дека многу брзо и тој предмет ќе дојде на дневен ред. Не исклучувам тоа да се случи и до крајот на неделава“,
рече Арслани.
Јанкуловска во случајот „Тенк“ е осудена на четири години затвор, пресудата е правосилна, но таа до Врховниот суд поднесе барања за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, а од овој суд една недела пред таа да оди во затвор донесоа решение со кое го одложија извршувањето на казната додека не се донесе одлука по нејзиното барање. Претходно, ексминистерката доби уште едно одложување затоа што нејзиното дете немаше наполнето една година.
Забраната да не се работат предмети примени во 2019 година, во која група спаѓа и случајот „Тенк“, Арслани ја дал откако ја презеде функцијата в.д. претседател на Врховен суд на местото на Јово Вангеловски. Во моментот на примопредавањето, како што рече, биле затечени триесетина стари предмети кои биле со донесени одлуки или со одлуки делумно потпишани од судии. Таквата состојба Арслани ја презентирал пред Кривичниот оддел, а потоа и на Кривичниот совет и секој предмет бил одделно разгледан.
„На Кривичниот одел, а потоа и на Кривичниот совет донесовме одлука сите предмети да бидат пререферирани и така се случи. Дадов наредба, со оглед дека се работеше за постари предмети, да се стопира реферирањето на новите предмети од 2019 година и да се завршат сите предмети од 2018 година и постари. До денеска сите такви предмети беа пререферирани, донесени се одлуки и 98 отсто од нив се изработени и експедирани. Меѓу предметите имаше еден предмет по жалба за кој во повторената постапка при реферирањето констатиравме дека настапила апсолутна застареност и така заврши. За ваквата состојба во писмена форма е известен Судскиот совет“,
изјави Арслани.
Тој вели дека не се сомнева во ништо и дека Судскиот совет е надлежен да цени дали има некаков пропуст и дали ќе преземе некои мерки.
*Поврзана вест:
БИРН: „Тенк“ е првиот случај на СЈО за кој ќе одлучува Врховниот суд