Меѓународните листи ни покажуваат дека високото образование не им овозможува на младите да го реализираат својот потенцијал. Ние сме осакатени во однос на наши врсници од други држави, затоа што нема доволно квалитетно високо образование, вели во неделното интервју за Радио Слободна Европа, претседателот на студентското Собрание на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Борјан Ефтимов.
„Прво што државата мора да направи е да инвестира во образованието, без инвестиции во образованието, без зголемување на буџетот за високо образование, кој во просек изнесува 60 проценти од европскиот просек, значи ние сме речиси на половина по инвестициите во образованието кое го имаме во Европа. Да инвестира во научно истражувачка дејност. Да му остави на универзитетот автономија со тие финансии да располага и да се изгради сам. Студентите и професорите преку учествување во управувањето, преку поголема контрола на студентите врз работата на професорите и обратно преку зголемени критериуми за преодни оцени, за дипломи, за магистерски трудови, за научно-истражувачка дејност заедно да изградиме поквалитетен универзитет. Меѓутоа инвестициите во државата се клучни, без инвестиции не можеме да имаме квалитетно образование“,
вели Ефтимов.
Тој зборува и за студентскиот стандард, опременоста на факултетите, немањето пари за истражувачки центри. Инфраструктурата, вели, е катастрофална, нема нов наставен кадар, лабораториите се од пред 50 години…
„Високото образование во Македонија се распаѓа. Инфраструктурата е катастрофална, нема квалитетни амфитеатри, нема квалитетни лаборатории, нема квалитетни читални, ако воопшто има читални, на некои факултети не ни има, лабораториите се од пред 50 години, наставните кадри секоја година се намалуваат и немаме обнова на истите, па така повеќето институти на УКИМ кубурат, имаат недостаток на наставни кадри. Целата ситуација е катастрофална. Ја знам ситуацијата на Институтот за хемија на ПМФ, институтот по хемија е најгласен, треба цел УКИМ да се дигне и да каже јасно и гласно дека нема доволно финансии, дека нема доволно средства и можности да изгради универзитет по најсовремени стандарди и заедно студентите и професорите да бараат повеќе финансии за да не се наоѓаме во оваа ситуација кај што сме сега и да тргнеме напред“,
вели Ефтимов.
Тој во интервјуто порачува дека мора да го изградат идентитетот на претставничкото тело на студентите, да се отворат и да ја стекнат нивната доверба, бидејќи студентите гледаат кон нив со аверзија.
Целото интервју можете да го погледнете ТУКА.