Мислев дека јас како жена морам да имам разбирање за еден живот што од утро до вечер бил исполнет со насилство, вели шефицата на државата

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вели дека внимателно ги разгледала околностите на предметот пред да одлучи да ја помилува 71-годишната Шефије Јакупи од кичевското село Зајас. Таа е осудена за убиство со секира на сопругот, а според пишувањата на дел од медиумите, по убиството го искасапила телото.
Добила 20-годишна затворска казна која во најголем дел ѝ е отслужена.
„На оваа осуденичка и остануваа уште 1 година и 6 месеци, чинам, до крајот на отслужувањето. Во моментов се работеше за личност која е најдолго на затворот. Јас се водам од препораките на ГРЕКО и Советот на Европа дека затворениците имаат право последните години од животот и длабоката старост да ја доживеат на слобода“,
кажа денеска Сиљановска-Давкова.
Проучувајќи во случајот, шефицата на државата вели дека не може да се замери фактот дека суровото убиство е сторено поради продолжено насилство.
„Таа жена била подложена на продолжено кривично дело – фемицид, подолго од 35 години. Затоа мислев дека јас како жена морам да имам разбирање за еден живот што од утро до вечер бил исполнет со насилство. Мислев дека навистина ова личност, оваа жена, оваа мајка, оваа – сиот живот тероризирана сопруга, заслужува на слобода да го доживее крајот на животот, односно староста. Таа е човечко суштество, отслужила многу, а мислам дека од мене заслужува разбирање. Мислам дека секоја друга жена на моето место како претседателка би го сторила истото“,
посочи претседателката.
Предлогот за помилување, како што појасни претседателката, пристигнал од Министерството за правда и бил предложен од Комисијата за помилување.
