По повод предавањето на документот, евроамбасадорот Рокас се обратил и пред судиите на Врховниот суд при што ги образложил клучните констатации и препораки во Извештајот, истакнувајќи ја притоа важноста на владеењето на правото и спроведувањето на потребните реформи, што, како што додал, е од суштинско значење
Извештајот на Европската комисија (ЕК) за нас претставува вистинска мотивација, а препораките за судството се пријателски совети, истакнала претседателката на Врховниот суд Беса Адеми на средбата со шефот на Делегацијата на Европската Унија (ЕУ), Микалис Рокас, на која тој и предал копија од Извештајот со оценките на Комисијата за напредокот на земјава во 2024 година на патот кон ЕУ.

Адеми на средбата нагласила и дека Извештајот има посебно значење за Врховниот суд поради искрената посветеност кон исполнувањето на европските стандарди.
„Посебно сум благодарна за позитивните оценки за Врховниот суд. Ќе продолжиме со исполнувањето на европските стандарди кои се на браникот на владеењето на правото“,
рекла таа, соопштија денеска од највисокиот суд во државата.
По повод предавањето на документот, евроамбасадорот се обратил и пред судиите на Врховниот суд при што ги образложил клучните констатации и препораки во Извештајот на ЕК, истакнувајќи ја притоа важноста на владеењето на правото и спроведувањето на потребните реформи, што, како што додал, е од суштинско значење.
Осврнувајќи за пораките во Извештајот, во соопштението од Врховен велат дека во него се нотирани активностите на Судот во унапредувањето на судската практика, конзистентноста на судските одлуки, објавувањето на новата Збирка на судски одлуки, утврдувањето на начелните ставови, како и одлуките на судот во однос на прашања од висок јавен интерес и заштитата на законитоста.
Во делот за независноста на судството, Извештајот, меѓу другото, се осврнува и на постапката за разрешување што беше поведена од Судскиот совет против претседателката на Врховниот суд поради јавните изјави за надворешни политички влијанија во работата на судот, која беше запрена.

Во Извештајот, како што забележуваат од Врховен, се нотирани и неодамнешните измени во Деловникот, со кои Судот ја отвори за јавност општата седница, по што уследи и нејзиното заседание со присуство на новинари на кое беше донесен начелен став за правото на граѓаните на чиста животна средина, без загаден воздух.
Европската комисија го објави Извештајот за напредокот на земјава во 2024 година во средата.
Во делот посветен на правосудството, ЕК изразува загриженост за најавите на актуелната влада за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, оценувајќи дека таквите дејствија би ја поткопале независноста на судството.
Токму јакнење на Судскиот совет преку ревидирање на законодавната рамка и негова поголема транспарентност и независност е една од препораките на Комисијата во однос на реформите во правосудството.
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на пратеничко прашање на вчерашната собраниска седница, најави дека во текот на идната недела ќе започне консултации како дел од процесот за темелна реформа на Републичкиот судски совет, изразувајќи убеденост дека во законодавниот дом ќе се обезбеди неопходното двотретинско мнозинство за една таква реформа.
„Убеден сум дека сите пратеници ќе гласаат за една таква реформа што е препорака од Европската Унија. Доколку тоа не се случи, убеден сум дека владата ќе обезбеди двотретинско мнозинство за една таква реформа со што ќе се стави крај на заробениот Судски совет, судството и Обвинителството, што ја влече правдата назад“,
рече Мицкоски.
