Портпаролот на Европската комисија, Ерик Мамер, претходно најави дека Урсула фон дер Лајен во Скопје ќе разговара и за спорот со Бугарија, но не даде повеќе детали и посочи дека прашањата ќе бидат одговорени на прес-конференциите што ќе ги има претседателката на ЕК
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, утре ќе допатува во Скопје. Како што јави МИА од Брисел, таа ќе биде пречекана од премиерот Зоран Заев на платото пред Владата.
Според агендата, предвидено е двете делегации да заминат во Младинскиот културен центар, каде што, по настанот предвиден во фоајето на МКЦ, ќе се упатат кон Кино „Фросина“ каде што ќе се одржи заедничка прес-конференција на премиерот Заев и претседателката на ЕК, фон дер Лајен.
Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, со македонските лидери утре попладне ќе разговара за спорот со Бугарија, повеќе детали за разговорите ќе бидат соопштени по средбата. Од Европската Комисија не сакаат да откријат во кој правец ќе се движат разговорите утре во Скопје, ниту дали ќе има пораки до Бугарија во врска со блокираниот ЕУ процес за Северна Македонија.
Засега единствена порака што ја пренесуваат службите на фон дер Лајен е дека ЕУ држи до регионот.
„Таа ќе се сретне со лидерите и ќе разговара за билатералните односи со ЕУ и регионалните прашања, перспективата за преговори за членство на Северна Македонија е дел од пошироката дискусија, целта на претседателката е да ја потврди нејзината посветеност кон регионот и перспективата за преговори за членство во ЕУ со овие земји кога времето и условите ќе бидат добри и преговорите ќе бидат завршени“,
рече Дана Спинант, портпаролката на Европската Комисија.
И портпаролот на Европската комисија, Ерик Мамер, претходно најави дека Урсула фон дер Лајен во Скопје ќе разговара и за спорот со Бугарија. Мамер не даде повеќе детали и посочи дека прашањата ќе бидат одговорени на прес-конференциите што ќе ги има претседателката на ЕК.
„Претседателката оди на Западен Балкан да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот, ова се партнери на ЕУ со кои имаме многу силни врски и посетата ќе биде можност да се разговара за овие односи вклучително и тоа билатерално прашање“,
рече Ерик Мамер минатата недела зборувајќи за македонско-бугарскиот спор.
Фон дер Лајен од 28 до 30 септември ќе ги посети сите шест земји од Западниот Балкан, почнувајќи од Албанија и Северна Македонија.
Шефицата на Европската Комисија ќе го посети регионот една недела пред Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи на шести октомври во Словенија со лидерите од регионот.
Од Европската Унија инсистираат дека овој самит нема да биде „самит за проширувањето“ туку можност да се разговара за односите на ЕУ и регионот.
Пред една недела еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји беше во Софија на разговори со бугарските власти токму за бугарско-македонскиот спор.