На прашањето зошто смета дека во Комисијата за селекција на кандидати (во Собранието) добила по сто поени од партиските претставници и од власта и од опозицијата, а по 20 од претставниците на граѓанскиот сектор, Димитровска одговори дека ова прашање треба да им се постави лично ним
Претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Татјана Димитровска, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, рече дека кон никого не чувствува долг за нејзиниот избор на таа позиција. Таа додаде дека има докажано искуство и професионализам, а она што лично го сработила претходно во Државниот завод за ревизија е нотирано во извештајот на Европската комисија.
„Ниту како личност, ниту сега како институција, ќе дозволиме мешање на било каква моќ од бизнис-заедница, од политика или од други надворешни фактори“,
рече Димитровска.
На прашањето зошто смета дека во Комисијата за селекција на кандидати (во Собранието) добила по сто поени од партиските претставници и од власта и од опозицијата, а по 20 од претставниците на граѓанскиот сектор, Димитровска одговори дека ова прашање треба да им се постави лично ним.
„Ценам дека ги исполнувам условите и ценам дека од тој аспект и сум избрана во Државната комисија за спречување на корупцијата“,
рече таа.
Инаку, членовите на актуелниот состав на ДКСК беа првично селектирани од комисија составена од четворица пратеници, двајца претставници на граѓанскиот сектор и претставник на Народниот правобранител. Татјана Димитровска од четворицата партиски претставници доби по сто поени, од претставникот на Народниот правобранител – 92, а од претставниците на граѓанскиот сектор 20 поени.