Во споредба со гласањето на 8 мај, до 11 часот, на ова прегласување, како што велат од Комисијата, се забележува зголемена излезеност за 5,35 отсто на овие избирачки места
Од вкупно запишаните 4 514 гласачи на седумте избирачки места, од кои шест во петтата и едно во шестата изборна единица на кои денеска има прегласување за парламентарните избори до 11 часот, според Државната изборна комисија (ДИК), гласале 743 избирачи, односно излезеноста по четири часа гласање е 16,46 отсто.
Според податоците на ДИК, до 11 часот најголема е излезеноста на на избирачкото место 1272 во Охрид каде гласале 156 избирачи или 21,94 отсто, а по него е избирачкото место 2101 во тетовско Желено, во шестата изборна единица, каде своето право на глас по пресeкот во 11 часот, го искористиле 20,64 отсто од избирачите.
„Во избирачкото место 2101 во Желино гласале 205 гласачи односно 20,64 отсто. Во избирачкото место 1194 во Крушево, гласале 87 гласачи односно 18.55 отсто. Во избирачкото место 1202 во Крушево, гласале 35 гласачи односно 11.74 отсто. Во избирачкото место 1272 во Охрид, гласале 156 гласачи односно 21.94 отсто. Во избирачкото место 1470 во Долнени, гласале 83 гласачи односно 12.61 отсто. Во избирачкото место 1470/1 во Долнени, гласале 31 гласач односно 4.91 отсто. Во избирачкото место 1844 во Струга, гласале 146 гласачи односно 19.39 отсто“,
се наведува во соопштението од ДИК.
Во споредба со гласањето на 8 мај, до 11 часот, на ова прегласување, како што велат од Комисијата, се забележува зголемена излезеност за 5,35 отсто на овие избирачки места.
Дополнително, од Државната изборна комисија информираат дека до неа се пристигнати два приговори за заштита на личното избирачко право за избирачкото место 1470 во Долнени.
Денеска се прегласува во петтата изборна единица на избирачките места 1194 и 1202 во Крушево, 1272 во Охрид, 1470 и 1470/1 во Долнени и 1844 во Струга, додека во шестата изборна единица на избирачкото место 2101 во Желино.
Државната изборна комисија го поништи гласањето на овие седум избирачки места, а одлуката беше потврдена и од страна на Управниот суд посочувајќи дека тужбите на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ се неосновани. ДИК, исто така, ги смени и членовите на избирачките одбори во овие избирачки места.
Поради ваквата одлука на Управниот суд и на ДИК, ДУИ обвини дека се прави изборен инженеринг со цел на коалицијата да ѝ се одземат две пратенички места. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се надеваат дека доколку се променат резултатите од гласањето во овие седум избирачки места тие би добиле по уште еден мандат во парламентот.