Со тоа што ВМРО-ДПМНЕ ја одмолчува, практично и ја одобрува идејата за формирање на оваа академија, оценува Филипче и додава дека СДСМ со сите расположливи механизми ќе се спротивстави во општините кои најавија дека ќе го финансираат овој проект
СДСМ нема да поддржи никаков паралелизам во институциите, коментира утринава партискиот лидер Венко Филипче откако повторно се актуализира потенцијалното формирање академија на науките и уметностите на Албанците, по вчерашната најава на четворица градоначалници од „Вреди“ за финансиска поддршка за истоименото здружение на граѓани.

Филипче го оцени за преседан создавањето „етнички чисти“ институции, а оваа идеја, како што вели, недвосмислено била и претходно отфрлена од актуелните академици.
„Загрижен сум и категорично се спротивставувам на идејата за формирање на паралелна нова академија за науки и уметности. Науката не смее да се етнизира на ниеден начин и во ниеден случај. За СДСМ и за мене како претседател ова е тенденциозна политичка порака која им служи единствено на намерите за поттикнување поделби кои носат огромна штета за граѓаните и општеството“,
пишува лидерот на СДСМ во објава на Фејсбук.
Со тоа што ВМРО-ДПМНЕ ја одмолчува, практично и ја одобрува идејата за формирање на оваа академија, оценува Филипче и додава дека неговата партија со сите расположливи механизми ќе се спротивстави во општините кои најавија дека ќе го финансираат овој проект.
Градоначалниците на Тетово, Гостивар, Желино и Чаир, кои доаѓаат од редовите на владејачката коалиција „Вреди“, вчера најавија поддршка од секаков можен аспект, пред сè финансиски, за Здружението на граѓани „Академско здружение за науки и уметности на Албанците“. Целта на ваквата поддршка, како што рекоа, е со цел да се забрза динамиката за институционализација на оваа организација.