Министерот за здравство Венко Филипче во 15 часот ќе одржи прес-конференција, соопшти владината прес-служба.
Прес-конференцијата на министерот следува по вчерашниот висок број на новозаразени со коронавирус (вкупно 62), а за денешниот биланс, иако сѐ уште нема официјални информации, вицепремиерот Бујар Османи на социјалните мрежи објави дека бројките се уште позагрижувачки.
„Добро утро,
Шансите да бидете позитивни или да имате контакт со некој кој е позитивен во последните денови е многу голем. Затоа ве повикувам да се однесувате како да сте позитивни и како секој со кого сте во контакт да е позитивен. Не е потребно многу да се заштитите:
– не верувајте во теориите на заговор,
– маската го намалува преносот за 79%. Не биди причина за смртта на најблиските.П.С Денес бројот е уште позагрижувачки!“,
напиша Османи.
Расте бројот на функционери во самоизолација
Откако вчера пратеникот и потпретседател на СДСМ, Мухамед Зекири, соопшти дека тој, неговата сопруга и тримесечната ќерка се позитивни на ковид-19, дел од функционерите на СДСМ кои имале контакт со него веќе се во самоизолација. Засега позитивен резултат на коронавирусот добила директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.
Во самоизолација се и вицепремиерката задолжена за економски прашања Мила Царовска, министерот Дамјан Манчевски, советникот за односи со јавност во Владата Марјан Забрчанец, како и директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми. По гостувањето на Зекири во студиото на ТВ 24, во самоизолација е и новинарката Душица Мрѓа. Зекири на телевизиската дебата учествуваше со генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
Јанушев објави дека веќе се тестирал и добил негативен резултат.
