Елшани за „Коссев“ вели дека од избувнувањето на вооружениот конфликт во Бањска до денес затворени се повеќе од 20 алтернативни патишта на северот на Косово, кои водат кон централна Србија и кои косовските власти ги сметаат за диви

Преминот „Јариње“, по еден месец блокада, од утринава целосно е отворен за сообраќај, вели заменик-командантот на косовската полиција за северниот регион Ветон Елшани, пренесува косовскиот портал „Коссев“.
„Од 8:30 часот утринава целосно ќе биде отворен граничниот премин ’Јариње’“,
вели Елшани.
Премините „Јариње“ и „Брњак“ беа затворени на 24 септември откако во селото Бањска беше убиен наредникот на косовската полиција Африм Буњаку, а потоа избувнаа судири меѓу вооружена и униформирана група Срби и косовската полиција, кога беа убиени уште тројца.
Преминот „Брњак“ беше отворен претходно, на почетокот на октомври.
Премините беа отворени за излез од Косово, а од денеска преку „Јариње“ може да се влезе и на север.
Елшани за „Коссев“ вели дека од избувнувањето на вооружениот конфликт во Бањска до денес затворени се повеќе од 20 алтернативни патишта на северот на Косово кои водат кон централна Србија и косовските власти ги сметаат за диви.
Активностите за затворање на патиштата, како што пренесува „Коссев“ ги спроведува граничната полиција.
„Затворивме повеќе од 20 патишта за кои сметаме дека се диви, односно водат кон Србија. Станува збор за патишта лоцирани на териториите на општините Лепосавиќ и Зубин Поток. Некои беа ископани за да не можат да се користат, а други беа затворени со големи бетонски блокови“,
рече Елшани.
Тој прецизира дека полициски единици патролираат на овие простори и дека досега немале никакви проблеми.
Елшани додава дека во овој период до косовската полиција пристигнала една поплака од жител на општина Лепосавиќ – дека поради затворањето на патиштата бил спречен да пристапи до главниот пат.
„Имавме еден таков случај и веднаш испративме претставка до граничната полиција која најде решение, односно да овозможи пристап до главниот пат“,
рече Елшани.
Тој ги советува и граѓаните доколку се соочат со слични проблеми да ја контактираат косовската полиција.
„Доколку има такви случаи, би било добро граѓаните да одат во граничната полиција или, на пример, во полициската станица во Лепосавиќ или во Зубин Поток и да го пријават проблемот“,
рече тој.