„Нашиот став е дека сите заедно треба да работиме исто како што се работеше во ковид-кризата или за време на енергетската криза. Ако тие (банките) мислат дека не треба така да работат, тогаш во ред, нивна е одлуката, тие се приватни субјекти, како Влада не можеме да се мешаме“, рече Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски денеска не сакаше на новинарите да им открие која е банката што прифатила да субвенционира дел од каматата за кредитите за фирмите од заемот од Унгарија, информација што вчера во интервју за „360 степени“ ја сподели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
„Да почекаме во недела да биде средбата со Македонската банкарска асоцијација и тогаш ќе излеземе со официјален став. Нашиот став е дека сите заедно треба да работиме исто како што се работеше во ковид-кризата или за време на енергетската криза. Ако тие (банките) мислат дека не треба така да работат, тогаш во ред, нивна е одлуката, тие се приватни субјекти, како Влада не можеме да се мешаме. Наше беше да обезбедиме средства за бизнисот, за економија, тоа што можевме, како Влада го направивме. Очекувам сите заедно да работиме за појака економија. Условите ги знаеја, уште пред изборите ги зборував, сите знаеја што се случува. Ние не сме влада која што бара, ние сме влада која што сака да помогне. И очекуваме сите заедно да работиме, да помогнеме за појака економија, за појака држава, ние за тоа се бориме“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата во Владата по потпишувањето на договорите за државна помош со компанијата „Бреинчајлд“.
На прашањето, дали постојат механизми банките да бидат казнети на некој начин бидејќи не сакаат да работат во интерес на граѓаните, имајќи предвид дека парите од унгарскиот кредит е планирано да бидат потрошени на проекти во интерес на граѓаните, Мицкоски посочи дека не би навлегувал толку длабоко во тоа прашање.
„Да помине состанокот в недела, па би коментирал дополнително“,
изјави тој за новинарите.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за „360 степени“ вчера откри дека една банка прифатила да субвенционира дел од каматата за кредитите за фирмите од заемот од Унгарија. На неколкуте состаноци досега банките генерално се изјасниле против ваквата идеја, рече министерката, но од една банка, на посебен состанок со премиерот Христијан Мицкоски, сепак, се согласиле со иницијативата на Владата за покривање на дел од трошоците за кредитите наменети за бизнисот.
Министерката не откри дали станува збор за една од трите најголеми банки, а деталите ги најави по следниот состанок со Македонската банкарска асоцијација в недела, на кој ќе присуствува и премиерот.
На прашањето, колку е реално да се очекува непазарно, некомерцијално однесување од банките, министерката изјави.
„Секоја компанија треба да има малку и општествена одговорност, а банките, пред сè, бидејќи имаат големи профити. На состанокот што го имавме, банките генерално кажаа дека не би се согласиле да субвенционираат дел од каматата. И рековме во ред, не крајот од денот не правиме ние нешто поразлично од која било претходна влада што го направила, но целта беше да ја поделиме таа општествена одговорност. Ајде, Владата има обврска, но да учествуваат и банките. Сепак, во целата таа ситуација се појави банка која, на посебен состанок со премиерот, кажала дека е спремна да учествува со дел од субвенционирањето на каматата“.