Претседателот на државата вчера, зборувајќи за американскиот тим за санкции што престојуваше во земјава, откри дека тој се состоел од тројца дипломати од Стејт департментот кои собирале информации за виталните сфери во општеството. Според неговите информации, веројатно веќе е утврдено со кои лица САД би ја прошириле „црната листа“ и вели дека на неа може да се најдат и актуелни функционери
Премиерот Димитар Ковачевски денеска рече дека не е исклучено „црната листа“ на Соединетите Американски Држави да биде дополнета со имиња на актуелни функционери.

Прашан на денешната прес-конференција за коментар во врска со информациите што претседателот на државата Стево Пендаровски ги изнесе во гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 ТВ и за тоа кои е се неговите сознанија, премиерот кратко одговори:
„Не е исклучено“
На дополнително прашање во овој контекст, дали станува збор за истите функционери за кои во интервју за МИА зборуваше вицепремиерката задолжена за политики на добро владеење, Ковачевски повторно беше краток со одговорот:
„Не знам“
Претседателот на државата вчера, зборувајќи за американскиот тим за санкции што престојуваше во земјава, откри дека тој се состоел од тројца дипломати од Стејт департментот кои собирале информации за виталните сфери во општеството.
Според неговите информации, веројатно веќе е утврдено со кои лица САД би ја прошириле „црната листа“ и вели дека на неа може да се најдат и актуелни функционери.
„Според моите информации, тоа е утврдено и таа листа веројатно во некој догледен период ќе биде ажурирана и не би исклучил дека ќе има и актуелни функционери на неа“,
рече Пендаровски.
Вицепремиерката Грковска, пак, во интервју за МИА, кажа дека нејзиниот кабинет досега иницирал три постапки поврзани со злоупотреби од страна на функционери. Таа потенцира дека за две постојат основи на сомнение за поднесување кривични пријави, додека третиот случај е поднесен пред извесно време. Според неа, станува збор за обемен случај поради што не очекува до крајот на годината да има исход од страна на истражните органи.
Пристигнувањето на американскиот тим за санкции го најави амбасадорката Анџела Агелер преку објава на Твитер.
Претходно, проширување на листата најави и заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, велејќи дека САД ќе продолжат со воведувањето санкции за корумпирани политичари бидејќи досегашните дале резултат.
Инаку, и премиерот Ковачевски и вицепремиерката Грковска претходно изјавија дека немале средба со американскиот тим за санкции и дека Владата немала одлука да ги повика во земјава.