Курти потсети дека Адем Демачи поради своите заложби и дејност во поранешна Југославија бил осуден вкупно на 28 години затвор, но дека сепак „останал нескротлив симбол за слободата на Албанците во Југославија“
Премиерот на Косово, Албин Курти, кој е во неофицијална посета на земјава, денеска присуствуваше на преименувањето на улицата „Втора македонска бригада“ во „Адем Демачи“ во Општина Чаир.
Во своето обраќање пред насобраните чаирчани, Курти рече дека пред пред две недели е одбележана петгодишнината од смртта на Демачи и оцени дека е од особено значење тоа што Демачи ќе има своја улица во Северна Македонија.
Курти потсети дека Адем Демачи поради своите заложби и дејност во поранешна Југославија бил осуден вкупно на 28 години затвор, но дека сепак „останал нескротлив симбол за слободата на Албанците во Југославија“.
На настанот присуствуваа и градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, како и претседателите на движењето Беса, Билал Касами, на Алтернатива, Африм Гаши, и Изет Меџити, кој најави формирање на ново политичко движење во албанскиот блок.
Инаку, улицата „Втора македонска бригада“ го добила своето име по славната бригада која биела битки со бугарскиот фашистички окупатор и броела 480 борци. Голем дел од нив ги загубиле животите во борбите со бугарската војска, но дел од нив и во завршните борби за ослободување на Македонија.
Адем Демачи бил албански писател и политичар, кој своето образование го стекнал во Приштина, Скопје и во Белград. Тој бил и раководител на политичкото крило на Ослободителната војска на Косово (ОВК), а потоа и политички активен во движењето Самоопределување на Албин Курти. Починал во 2018 година во Приштина.
Попладнево, Курти е во посета на Тетово. Според агендата, тој денеска ќе се сретне со албанските опозициски партии, но не се најавени средби со државниот врв или владините партии од албанскиот блок.