Причина за новите вработувања според првиот човек на Владата, Христијан Мицкоски е тоа што одреден дел од вработените веќе заминале во пензија, но и оти се потребни кадровски зајакнвувања во институцијата
Веќе следната недела се очекува да се објави конкурс за вработување на шестотини лица во Министерството за внатрешни работи, потврди денеска премиерот Христијан Мицкоски. Според него, потребата за нови вработувања доаѓа затоа што дел од вработениот кадар веќе природно заминал во пензија, но и оти анализите покажале дека е потребно кадровско зајакнување на министерството.
„Многу малку се водело сметка за квалитетен кадровски потенцијал во рамки на МВР, тоа го согледуваме сега откако изминавме период од речиси шест месеци, кога анализиравме, истражувавме и дојдовме до заклучоци дека навистина во изминатите години е правен би рекол епски криминал, а за тоа да се санкционира за да излезе пред правдата, основано сомневање, потребен е човечки кадровски потенцијал“,
изјави премиерот.
На новинарско прашање пак како ќе одговори Владата за најавениот штрајк во одредени министерства поради незадоволството на вработените од ниските плати, тој рече дека во рамки на административниот дел, во одредени министерства платите навистина се ниски, и оти треба да се работи и да се решаваат проблемите еден по еден.
„Оваа година согласно општиот колективен договор ќе има покачување, ќе има и следната, така што очекувам во зависност од расположивите средства да се зголемува платата на вработените“,
кажа Мицкоски.
Дополнително, тој рече дека Владата ги исполнува предизборните ветувања, а последен пример е тоа што претходно бил постигнат историски договор со Синдикатите за образование и здравство за покачување на платите, но и за тоа што Владата донесе одлука да не се зголемат платите на избраните и именувани лица, обвинителите и членовите на Советот на јавни обвинители и Судскиот совет за да се нивелираат коефициентите.