Павловски беше дел од бизнис-делегација што ја посети Македонија во јули минатата година, неполн месец откако владата на Мицкоски беше изгласана во Собранието и го презеде управувањето со институциите. Заедно со него допатуваа и Девин Нуњес, тогаш претставен од Владата како директор на „Трамп коорпорацијата за медиуми и технологија“, како и Хауард Лутник, американски милионер кој во моментов ја води фирмата „Кантор Фицџералд”
Директно од аеродром на состанок, напиша премиерот Христијан Мицкоски на својата фејсбук-страница, објавувајќи ја информацијата дека првата средба што ја имал по пристигнувањето во Вашингтон, САД, каде што утре треба да присуствува на инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп, била со бизнисменот со македонско потекло Крис Павловски, сопственик на компанијата „Рамбл“.
Премиерот во својата објава, каде што постави и фотографија од средбата, додаде и дека во акционерската структура на „Рамбл“ има лица што ќе бидат дел од новата администрација на претседателот Трамп, вклучувајќи го и потпретседателот Џеј-Ди Венс.
На фотографијата може да се види дека на средбата е присутен и Џери Наумоф, кој од мај 2013 до јуни 2017 година беше министер без ресор во македонската влада, задолжен за привлекување странски инвестиции. Според податоците од неговиот профил на социјалната мрежа Линкдин, од ноември 2024 година е директор во „Рамбл“.
Павловски беше дел од бизнис-делегацијата што ја посети Македонија во јули минатата година, неполн месец откако владата на Мицкоски беше изгласана во Собранието и го презеде управувањето со институциите. Заедно со него допатуваа и Девин Нуњес, тогаш претставен од Владата како директор на „Трамп коорпорацијата за медиуми и технологија“, како и Хауард Лутник, американски милионер кој во моментов ја води фирмата „Кантор Фицџералд”. Оваа делегација тогаш се сретна со премиерот, со повеќе владини министри, како и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
„Во Вашингтон имав исклучително продуктивен долг состанок со мојот пријател Крис Павловски, сопственик на ‘Рамбл’ компанијата каде дел од акционерската структура се и Хауард Лутник, новиот министер за економија на САД, и ЏД Венс, потпретседател на САД, како дел од новата администрација на претседателот Трамп. Капиталот на Павловски од Форбс е проценет на 1,2 милијарди долари“,
напиша Мицкоски на Фејсбук по пристигнувањето во главниот град на Соединетите Американски Држави.
Тој додаде дека со Павловски разговарале за инвестиции на „Рамбл“ во Македонија во делот на дигитализацијата, но и за други теми.
„Имајќи предвид дека Крис има македонско потекло, Македонија е тема која е секогаш дел од нашите разговори, зборувавме за предизвиците кои се дел од сегашноста, но и иднината. Се бориме за напредок и иднина на нашите граѓани и татковината“,
се додава во објавата на Мицкоски.
По посетата на бизнис-делегацијата во Скопје не беа најавени конкретни инвестиции на „Рамбл“ или на други компании во Македонија, но, според тогашните изјави на владините претставници, меѓу кои и на министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, била дискутирана можноста за партнерство во изградбата на современи национални центри за податоци и за вложувања во дигиталната инфраструктура. Тоа, како што велеше Андоновски, може да придонесе за подобрени стандарди за заштита на приватноста и безбедност на податоците, но и да ја направи Македонија регионален лидер по распространетоста на брз и широкопојасен интернет.
Мицкоски, пак, во интервју за телевизијата Телма, тогаш кажа дека се разговарало и за блокчејн-технологиите, криптовалутите и за можностите за воведување „дигитален денар“.
Мицкоски ќе има неколкудневна работна посета во САД, каде што е придружуван од министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, како и од заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков.
Според најавите од Владата, по инаугурацијата тие ќе присуствуваат на свеченоста наречена „Гласови на слободата“, во организација на „Рамбл“ и на „Трамп медиа“.
Од владината прес-служба соопштија и дека премиерот ќе има „средби со повеќе луѓе од новата администрација на американскиот претседател“, без да посочат имиња.