„Наместо да сме горди што имаме професионалец, ние сега измислуваме приказни што немаат никаква врска со енергетиката“, рече Мицкоски

Наместо да сме горди што имаме професионалец, што е успешна и што за неа знае светскиот бизнис-крем, ние измислуваме приказни што немаат никаква врска со енергетиката. Со овие зборови премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница ја бранеше министерката за енергетика Сања Божиновска откако пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски, праша дали ќе биде побарана нејзина одговорност.
Според Мицкоски, тоа што Сања Божиновска е дел од македонската влада е привилегија затоа што, како што рече, „тоа што таа го има направено на професионален план во енергетиката вие не можете ниту да го сонувате, а камоли да се приближите до тие резултати“.
„Нејзината биографија и постигнувања се нешто за што можевте да кажете секоја чест за стручноста. Сега се доведуваме во ситуација да е грев ако сме успешни. Наместо да сме горди што имаме професионалец, ние сега измислуваме приказни што немаат никаква врска со енергетиката. Тоа е исто како јас да ве напаѓам вас за нешто што нема никаква врска, со тоа што дававте пасоши на белосветски криминалци и лидери на наркокартели. Тоа е ваша работа, директно ваш ресор“,
рече Мицкоски на денешната седница за пратенички прашања.
Во одговорот до Спасовски, Мицкоски рече „јас ви гарантирам и ви потпишувам дека Сања Божиновска е многу поголема Македонка од сите вас заедно, запишете го ова, ова ви го кажувам и запишете го“.
„Гледајте што сте правеле, каква самосвест сте имале кога дававте пасоши. Вистината за сè ќе излезе. Не сакаме да се дефокусираме со тие работи. Не враќате назад со некаква самосвест, ваква таква“,
додаде тој.
Говорејќи за тоа кои фирми носеле јаглен за РЕК „Битола“ и фирмите што биле вклучени во тоа, Мицкоски рече дека тие што се исплашени од откривање на сите договори сега измислуваат работи што немаат никаква врска.
Откако собранискиот спикер праша дали пратеникот е задоволен од одговорот на премиерот, Спасовски констатираше дека не добил одговор, туку само прашања.
„Ама и немањето одговор е одговор“,
рече Спасовски.
Во делот за реплика Спасовски рече дека не ги спори квалитетите на Сања Божиновска за енергетика, туку неговото прашање било насочено кон тоа дали кога министерката била поставувана на функција било разговарано за ова прашање.
Притоа Спасовски ја покажа декларацијата што Сања Божиновска ја има потпишано и со која изјавува дека има бугарска самосвест и бугарско потекло.
„Еве ги декларацијата и личната карта од Бугарија каде е истиот потпис. Еве, и од Чешка документ каде што има нејзин потпис. Сега ќе ја оставам декларацијата овде за да може да се подели овде на пратениците, а и на вас“,
рече Спасовски.

Во прашањата на Спасовски беше и тоа дали премиерот ќе бара одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Ќе барам одговорност од Панче, ако тој не бара одговорност за вас за тоа што сте го правеле“,
беше одговорот на Мицкоски.
Од говорницата, со одговор се јави министерот Тошковски кој ги обвини пратениците од опозициската СДСМ дека сурово ја лажат јавноста.
„Благодарам за загриженоста на Спасовски за тоа колку се тие конструктивна односно неконструктивна опозиција и се надевам дека во иднина ќе си ја заработат платата што ја земаат затоа што наместо да го работат тоа што треба тие сурово ја лажат јавноста“,
рече Тошковски.
Тој се осврна и на тоа дека откако е поставен за министер опозицијата постојано бара одговорност од него под изговор дека е нарушена безбедносната состојба во земјата.
„Јас не се сеќавам во 2023 година било кој од вас да излезеше од говорница и да побарате оставка од тогашниот министер Спасовски. Од мене барате 300 пати за овие денови откако сум министер. Една убава госпоѓа излегуваше и бараше оставка од мене“,
додаде тој.
Тошковски во одговорот рече дека во 2023 година кога министер бил Оливер Спасовски имало 23 убиства од кои две нерасчистени, а годинава имало 16 и исто така две нерасчистени.
„Тоа се бројки, факти. Не ви замерувам. Дај боже да нема ниту едно убиство“,
рече Тошковски.
