Анализа на „360 степени“: Што ќе донесат првите непосредни избори во владејачката партија? Кој ќе остане, а кој ќе си оди од врвот на СДСМ по конгресот во мај и по најавите на Заев за нови кадровски промени?
Не се очекуваат поголеми изненадувања во поглед на исходот од премиерните внатрепартиски избори во СДСМ в недела. Никој од партискиот врв не се обиде да му се спротивстави во изборниот ринг на актуелниот премиер, кој речиси цели осум години е на чело на партијата. Со тоа, реизборот на Зоран Заев на највисоката партиска функција е и повеќе од извесен.
По реизборот, Заев ќе го избира кандидатот за заменик-претседател на СДСМ
Но, неизвесно е кои ќе бидат неговите најблиски соработници на „Бихаќска“ во новиот мандат на чело на партијата, со оглед на кадровските промени што тој ги најави. Оваа седмица Заев ја промовираше својата програма како кандидат за претседател на партијата, за која рече дека е базирана на пет клучни столба, при што најави „најголема политичка акција за нова позитивна промена на начинот на функционирање и менталитетот на политичките партии во нашата земја, почнувајќи токму од СДСМ.“
„Прво, сериозна реформа на досегашната кадровска понуда на СДСМ. Тоа не значи откажување од некого, туку одговорност пред граѓаните и секој пред самиот себе. Никој повеќе во СДСМ нема да се кандидира за функција само за да биде функционер, туку да врши должност и да биде служител на граѓаните. СДСМ постои за граѓаните, а функционерите мора да им служат на граѓаните“,
се наведува во воведот на програмата на Заев.
Одлуките за следните позиции во хиерархијата на СДСМ, според информациите на „360 степени“, ќе се носат кон крајот на април, кога Заев прво ќе треба да го утврди својот предлог за негов заменик, за чиј избор потоа ќе одлучуваат делегатите на конгресот. Позицијата заменик-претседател во СДСМ беше воведена првпат во 2013 година, кога Заев и Радмила Шекеринска настапуваа како тандем, спротивставувајќи им се на противкандидатите за лидер – Зоран Јовановски и на Кире Наумов.
И четири години подоцна, Заев ја избра Шекеринска за свој заменик во СДСМ, така што и двајцата добија поддршка за нов мандат. Овој пат Заев оди на непосредни избори, на кои ќе гласа целото членство, по што, како што предвидува Статутот на СДСМ, ќе треба да одлучи дали ќе ја кандидира повторно Шекеринска за своја заменичка или евентуално ќе се одлучи за друг кандидат, на конгресот најавен за 16 мај.
Делегатите ќе избираат нов состав на ЦО и на НО
На претстојниот конгрес треба да се изберат и нови членови на Централниот и на Надзорниот одбор на СДСМ, за што постапката за номинирање на кандидатите би почнала по изборите в недела. По конгресот, Заев ќе треба да донесе нови кадровски одлуки, односно од списокот на нови членови на Централниот одбор ќе треба да го избере најтесното раководство, односно новиот состав на Извршниот одбор и идните потпретседатели и секретари на партијата, меѓу кои и генералниот секретар.
СДСМ сега има четворица потпретседатели: Мила Царовска, Оливер Спасовски, Мухамед Зекири и Коста Петров. Сите тие, како и сегашните членови на ИО, практично ќе бидат на тест, прво на конгресот, кога ќе се одлучува дали ќе влезат во новиот состав на ЦО, а потоа и по конгресот, кога ќе се избираат новите состав на ИО и потпретседатели. По конгресот, ќе се одлучува и дали Љупчо Николовски ќе остане генерален секретар на партијата, откако го надмина првиот „предизвик“, кога остана на партиската функција, и покрај тоа што беше избран вицепремиер, наспроти претходната одредба од Статутот на СДСМ, која не дозволуваше генералниот секретар на партијата да партиципира во извршната власт.
Последната „чистка“ во 2019 година
На конгресот што се одржа лани во октомври статутарните измени што беа донесени предвидоа и можност партискиот генерален секретар да биде дел од извршната власт во земјава.
Над 70 илјади члена на СДСМ имаат право на глас на првите внатрепартиски избори на 21 овој месец. По процесот на ажурирање и евиденција на членството, владејачката партија сега брои околу 80 илјади члена.
Членството во СДСМ го ажурираа и поранешни високи функционери на партијата, кои во изминатите повеќе од седум години, по смената на партиското кормило, се на „пристојна дистанца“ од главните политички збиднувања. Во текот на реевиденцијата на членството, од раководството на СДСМ пласираа информации дека и поранешниот лидер Бранко Црвенковски го ажурирал членството во партијата, во чие основање учествуваше, иако најави „замрзнување“, додека ЦО на партијата не се огради од ставовите што Заев ги изнесе, во врска со спорот со Бугарија, во интервју за БГНЕС.
Но прашање е колкумина од дистанцираните поранешни функционери на СДСМ ќе излезат на гласање в недела, иако, според проценките, и нивната евентуална „апстиненција“ не би го довела во прашање реизборот на Заев.
За разлика од последниот кадровски рез (т.н. операција „Метла“) што Заев го најави меѓу двата круга од претседателските избори во 2019 година, а го спроведе по изборите и во екот на аферата „Рекет“, овој пат најавата за кадровски промени е посуптилна. Ама во СДСМ велат дека не е случајна, со оглед на тоа што набрзо по партискиот конгрес се очекува да бидат распишани локалните избори, кои би се одржале во октомври. Според тоа, како што се проценува во партијата, од позициите што ќе бидат „избоксувани“ на конгресот во голема мерка ќе зависи и изборот на кандидати за советници и за градоначалници, како и на новите претседатели на општинските организации на СДСМ.
Во 2019 година,Заев расчисти со дел од своите дотогаш најблиски соработници. Така, на пример, Александар Кирацовски замина од позицијата генерален секретар, а Фросина Ременски не беше реизбрана за потпретседател на партијата. Од тогашните шест потпретседатели, на функцијата се вратија само Мухамед Зекири и Оливер Спасовски. Од другите тројца поранешни потпретседатели, Дамјан Манчевски неодамна замина од парламентот, а, како што најави, и од политиката, Благој Бочварски сега е министер за транспорт и врски, а Петре Шилегов очекува нова кандидатура за градоначалник на Скопје.