„Основните слободи беа почитувани во кампањата, но како што се приближуваше денот на изборите, а границите помеѓу претседателската и парламентарната трка почнаа да се замаглуваат, реториката стануваше се понегативна и во некои случаи дискриминаторска, одразувајќи ја политичката фрагментација и етничките поделби“, шефицата на мисијата на ОБСЕ, Џилијан Стирк
Меѓународната набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР во своите прелиминарни заклучоци го оцени за позитивен, но со остра и негативна реторика вчерашниот прв круг од претседателските избори.

Шефицата на мисијата на ОБСЕ, Џилијан Стирк, на денешната прес-конференција посочи дека во кампањата биле почитувани основните слободи, процедурите во гласањето биле испочитувани во голема мера, додека, пак, во некои случаи избирачките одбори не ги завршиле целосно пропишаните процедури при пребројувањето.
„Основните слободи беа почитувани во кампањата, но како што се приближуваше денот на изборите, а границите помеѓу претседателската и парламентарната трка почнаа да се замаглуваат, реториката стануваше сè понегативна и во некои случаи дискриминаторска, одразувајќи ја политичката фрагментација и етничките поделби“,
посочи Стирк.
Осврнувајќи се на неодамнешните измени во Изборниот законик, шефицата на мисијата на ОБСЕ истакна дека тие биле воведени преку процес на кој му недостасувало транспарентност и консултации со јавноста.
Нагласена е и недоволната застапеност на жените во кампањата, како и ограничениот ангажман на жените гласачи што, како што е посочено, ја покажува потребата од поголема посветеност на обезбедување нивна вклученост во политичкиот живот. Во извештајот има наводи и за распределбата на средствата за кампања.
„Поврзаноста на распределбата на средствата за кампања и медиумските можности со партиската припадност несразмерно ги фаворизираше кандидатите кои се поврзани со големите политички партии“,
наведе шефицата на мисијата на ОБСЕ, Џилијан Стирк.
Меѓународната набљудувачка мисија ќе го проследи и вториот круг на претседателските избори заедно со парламентарните избори на 8 мај, а конечната оценка за претседателските и парламентарните избори ќе бидат објавени два до три месеци по завршувањето на изборите.