Собранието денеска ја почна, но за кусо време ја прекина седницата на која треба да се расправа за именување заменик-министри. Собранието само ја констатира оставката на пратеникот Дамјан Манчевски и не го утврди дневниот ред, бидејќи се чека извештај од ДИК за верификација на мандат на пратеник што ќе го наследи Манчевски.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, најави дека дополнително ќе ги извести пратениците кога оваа седница ќе продолжи.
За да се гласа за новиот пратеник, потребно е прво ДИК да го извести Собранието за кандидатот од оваа листа на кој треба да му се верифицира мандатот за пратеник согласно член 153 од Изборниот законик, по што ќе одлучува матичната Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. На крајот ќе се гласа на пленарна седница.
Според предложениот дневен ред, на оваа седница прва точка е верификација на мандат на пратеник, а втора точка Предлогот за именување на заменици на министри во Владата.
Предлогот за избор на заменици на министри Владата до Собранието го достави минатиот петок.