Што се однесува до коалицијата ВЛЕН, Мицкоски очекува уште во првиот круг во одредени општини да ги поддржат нивните кандидати

Премиерот Христијан Мицкоски очекува успешен исход од разговорите со коалициските партнери ЗНАМ и ВЛЕН во пресрет на локалните избори и нагласува дека тие се движат во добра и конструктивна насока.
Во однос на коалицијата со ЗНАМ, премиерот потврди дека е постигнат принципиелен договор. Според него, ЗНАМ ќе настапи со свои советнички листи, додека коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе има свои.
„Во оние општини каде што ќе одлучиме да поддржиме кандидат, дали тоа ќе биде на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ или од ЗНАМ, едните или другите нема да истакнуваат кандидат, ќе се поддржуваат меѓусебно“,
рече Мицкоски.
Што се однесува до коалицијата ВЛЕН, Мицкоски очекува уште во првиот круг во одредени општини да ги поддржат нивните кандидати.
Тој ја образложи оваа поддршка велејќи дека силно веруваат дека политичката партија што „повеќе од 20 години остави споменици како овој што е тука во Велес и не направи ништо за цела Македонија“ треба да биде поразена на овие избори. Иако не ја именуваше директно, јасно алудираше на Демократската унија за интеграција (ДУИ).
„Наместо да се занимава со вакви работи, примарно им беше да издаваат лиценци за марихуана, да отвораат казина, да купуваат трговски центри, скапи дуќани во центар на град, да формираат инстант фирми што добиваат тендери, да играат фудбалчиња по канцеларии плукајќи така по народот“,
изјави Мицкоски.
Тој изрази уверување дека оваа партија треба да биде поразена на овие избори и да замине во историјата на македонската политичка сцена.