„Би рекол само дека не е решен опсегот“, рече премиерот Зоран Заев.
„Не е тајна дека имаме уште разлики за прашањето за опфатот“, рече министерот за надоврешни работи Никола Димитров.
Од оваа точка – опсегот или каде се ќе се употребува новото сложено име зависи дали ќе има договор меѓу Скопје и Атина за прашањето за името. Особено откако грчката влада, очигледно, прифатила дека не може да го спори идентитетот на етничките Македонци..
– Идентитетот е прашање на самоопределување.. Да го запомниме ова, затоа што не треба и ние да ги прекршуваме меѓународните закони – рече министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас.
Но, иако најважниот елемент од договорот за македонската страна – идентитетот, се чини апсолвиран на прифатлив начин, јавните позиции на Атина и на Скопје за опсегот на употреба на новото име се чинат спротивставени.. Скопје е подготвено да го користи новото име во сите контексти и форуми на меѓународно ниво, но Атина бара и негова внатрешна употреба во земјава..
„Се бара ерга омнес да биде сфатено и плус за домашна, или внатрешна употреба. Тоа за нас е ново и веројатно е предизвикано од сите реакции што грчката страна ги имаше во минатото како провокации, тие така ги споменуваат и оттука произлезе дека бараат ерга омнес да значи плус и за домашна употреба. Ние мислиме дека треба да се разграничи што е тоа за меѓународна употреба, а што е за домашна употреба. Навистина, домашната употреба нема никакво влијание врз Грција, нема никакви рефлексии врз Грција и обидувајќи се со креативност, со аргументации, со се продолжуваме со разговорите и тука е прашањето кое не е решено и е комплицирано и тешко прашање“ – рече премиерот Заев.
Грчкиот министер Никос Коѕиас, во еден од последните јавни настапи, спореше со аргументите на овдешната страна и објаснуваше зошто за Атина е неприфатливо уставното име – Република Македонија, да остане, макар и само за внатрешна употреба.
„Да ви кажам една парадигма. Луѓето од ПЈРМ постојано ми велат, ќе направиме договор и ќе има документи кои ќе бидат за надворешна употреба и ќе го содржат меѓународното име и документи за внатрешна употреба и дека Грција не ја засега ако една општина во допис до друга општина го користи името Република Македонија. Велам добро, да презентирам низа документи што ќе создадат проблеми во функционирањето. И еве првиот таков документ е, на пример Уставот на ПЈРМ, доколку би се пратил во странство, и во меѓународните организации, семинари, факултети и го испраќаш на англиски јазик, а името што е вклучено нема да се смени и да биде новото, она за меѓународна употреба, туку ќе биде уставното, но преведено. Значи, ако не постои ерга омнес и употреба за сите меѓународни, меѓудржавни, билатерални односи, во меѓународните организации, а и за внатрешна употреба во земјата, ова се обидувам да ѝ го објаснам на ПЈРМ, ќе инвестираме во кавги и несогласувања во следниот век. Ќе излегуваат документи, дозволи, дипломи во странство со внатрешното име, ние ќе ги бркаме дека го прекршуваат договорот, а тие ќе велат дека се случи по грешка и ако денес имаме кавга за тоа кое име се користи во меѓународните организации, тогаш ќе имаме секојдневна кавга што ќе биде ќорсокак и ќе ги влошува условите меѓу двете држави. Им велам дека инсистираме на ерга омнес зошто сакаме еден стабилен договор што нема да создава, туку ќе ги решава проблемите“, рече Коѕиас.
Македонската влада, пак, има поинакво толкување за ерга омнес.
„Ерга омнес во меѓународното право каде комуницираат меѓунардони субјекти, владини организации, други држави, тој значи одредница што ќесе однесува кон другите такви како мене. Мислам дека амбицијата да се влезе внатре е проблематична, зашто внатрешната правна комуникација меѓу едно министерство со друга институција не навлегува во областа во која фигурира прашањето и проблемот – односот со други држави, односи со меѓународни орагнизации итн… Мислам дека можеме со отвореност, ако има политичка волја, да најдеме разбирање и да најдеме формула што ќе ги задоволи и нивните барања и што ќе ги задоволи и нашите интереси за одржливо и достоинствено решение“, рече Димитров на гостувањето во „360 Степени“.
Постои ли и која е таа формула за која зборува Димитров што би била најмал заеднички содржател на позициите на двете земји? Во одговорот, и премиерот и шефот на дипломатијата, без да откријат детали, го користат терминот – креативност.
„Ако бидеме доволно внимателни, ако бидеме доволно пријателски настроени и доволно креативни ке изнајдеме вакво решение“, рече Заев.
„Во проекциите на тоа што сега се преговара и ако се има политичка волја може, со степен на креативност, да се најде начин да се допрат и нивните главни интереси, а да ги зачуваме нашите главни интереси“, рече Димитров.
Екс-премиерот Владо Бучковски, чиј мандат беше обележан со интензивен процесот за името, на ваков начин ја толкува креативноста за која зборуваат властите:
„Сметам дека е претесен просторот за да има крупни изненадувања. Креацијата за која говорат нашите преговарачи не ја гледам поинаку од тоа да понудиме решение за кое јас еднаш говорев на дебата на вашата телевизија, а тоа е да прифатиме во уставот покрај уставното име да имаме име за меѓународна употреба и со тоа на грците да им понудиме поинаква можност. Наместо овие 140 држави кои го признале уставото име на рм, кои во билатералната комуникација го користат ова име, од моментот кога ќе биде постигната спогодбата па натаму во сите комуникации со билатералната зедница, во билатерала, во мултилатерала да се користи договореното име за меѓународна употреба. Дали тоа ќе успее не знам, но не гледам што друго би можеле ние да понудиме, а да остане варијантата за внатрешна употреба да го користиме уставното име Република Македонија“, вели Бучковски.
Бучковски не гледа проблем и во евентуално повторно отворање на членовите 3 и 49 од Уставот, за кои веќе еднаш во 1992 година се усвоени амандмани.
„Моја проценка е дека кога би прифатиле од другата страна Грците ова да биде уставната ревизија и ова да биде дополнување. Значи, може да се дополнат уште еднаш зашто ние со Привремената спогодба сме прифатиле повторно да се погледне и преамбулата и двата члена што ним им создаваа проблем. Не гледам дека тоа е проблем и за опозицијата. Она што неколкупати го повторува Мицкоски дека тие не се за промена на Уставот со цел промена на уставното име ми дава за право да заклучам дека тој ја отвора вратата за евентуални измени на Уставот кои не би загрозиле уставното име, а ова варијанта се наложува како единствено логична што ние би можеле да ја понудиме во завршницата на овие преговори“, вели Бучковски.
Но, останува отворена дилемата – дали ваков тип уставна ревизија би бил прифатлив за Атина.. И дали во прилог на вакво решение оди сознанието дека употребата на ново име во контекст на идното членство на земјава во Европската Унија, ќе значи и де факто домашна употреба – зашто она што многу од институциите ќе го работат дома, всушност, ќе биде под чадорот на ЕУ, каде земјава прифаќа да го користи новото име.
Во пресрет на новата средба Димитров-Коѕиас-Нимиц во Виена, се чини дека станува се појасно оти до решение не може да се стигне без уставни промени. Прашањето е какви и колку длабоки би биле тие, но и во каква релација со синтагмата за достоинствено решение. Бројките во парламентот се, исто така, важен параметар – за она што ќе се договори да може и да се ратификува.
Напишете коментар