„Разговарав со шефот на тоа обвинителство, подготвени се да го преземат предметот и да постапуваат понатаму. Ќе бидеме во контакт со нив“, вели шефицата на кумановското обвинителство

Предметот за загадување на Крива Река во Крива Паланка, кој го оформи Основното обвинителство Куманово, ќе го преземе Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Од кумановското обвинителство велат дека стигнала и кривичната пријава од градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски која е квалификувана во член 218 – загадување на животната средина.
„За актуелниот настан за загадување на Крива Река, ние сами формиравме предмет, ги повикавме инспекторите за животна средина. Од нивна страна добивме известување за досега преземените активности и мерки. Сега го чекаме вештачењето од лабораторија. Стигна и кривичната пријава од градоначалникот која е квалификувана по член 218 ’загадување на животната средина’, за тоа кривично дело надлежно е обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Разговарав со шефот на тоа обвинителство, подготвени се да го преземат предметот и да постапуваат понатаму. Ќе бидеме во контакт со нив“,
вели шефицата на ОЈО Куманово, Теута Бедиу-Рамадани, пренесува МИА.
Случајот со загадувањето на Крива Река е актуелен од 28 март годинава, кога од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) рекоа дека четири дена претходно рекоа дека го казниле „Булмак 2016“ од Пробиштип, подружница рудник „Тораница“ Крива Паланка со 200 илјади евра за инцидент во кој пукнала цевка преку која се доведува технолошката вода од таложникот за јамски води до погонот флотација, прекршок, кој е од трета категорија.
По ова, градоначалникот на Крива Паланка на прес-конференција кажа дека концентрацијата на олово во Крива Река е зголемена за десет пати повеќе од дозволеното, а за неколку стотици пати на цијанид, фосфор и азот. Тој рече дека ова го покажал извештајот од испитаните примероци на водата во реката еден ден по хаваријата во рудникот „Тораница“.
Минатиот четврток Митовски повторно на прес-конференција рече дека водата во Крива Река е сериозно загадена, спаѓа во најлошата категорија загадени води и е неупотреблива за каква било намена. Тој рече дека новите анализи спроведени од Институтот за јавно здравје на барање на риболовното друштво „Мрена“, покажуваат дека има надминување на граничните вредности и на матност на реката.
Митовски побара институциите да реагираат, а обвинителството да поведе постапка. За него, како што рече тогаш, е нејасно зошто и Државниот инспекторат за животна средина не направил ургентни анализи на водите по хаваријата во рудникот „Тораница“.
Еден ден подоцна, во петокот, директорката на Инспекторатот Ивана Гиновска рече дека нема цијанид во водата на Крива Река во Крива Паланка.
Според неа, поединци излегувале со неточни и полуточни информации и успеале да направат збунетост кај населението.
На компанијата „Булмак 2016“, како што информира таа, изречена ѝ е казна од 180-200 илјади евра за правниот субјект и 10 илјади евра за одговорното лице, која е најголема казна во Законот за животна средина. Компанијата потпишала спогодба и предметот е предаден на Комисијата за спогодување, при Министерството за животна средина и просторно планирање.
Од компанијата „Булмак 2016“, која стопанисува со рудникот „Тораница“, ги демантираа тврдењата на Митовски и рекоа дека од дефектната цевка е истечена исклучиво атмосферска вода која, освен природни механички нечистотии мобилизирани од поројниот тек, не содржи никакви хемиски или друг вид супстанции и материи што се резултат на технолошкиот процес од флотацијата на рудникот.