Комисијата за политички систем ќе расправа денеска за предлозите на помалите партии за промена на Изборниот законик, ама шансите за нивно донесување до распишување на изборите се чинат минимални
Предлозите за измена на Изборниот законик, со кои се предвидува воведување една изборна единица за парламентарни избори и отворени листи за локални избори, се вратија во агендата на собраниската Комисија за политички систем. Двата предлога, поднесени од пратениците од помалите парламентарни партии, се на дневен ред на денешната комисиска седница.
Иако зад предлозите за измена на Изборниот законик стои и СДСМ, шансите за нивно донесување до распишување на изборите се минимални. ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ поднесоа илјадници амандмани, за да спречат промена на изборниот модел.
Пратеничката и претседателка на ДОМ, Маја Морачанин, вели за „360 степени“ дека денешната комисиска расправа е уште една можност за дискусија за потребата од промена на изборниот модел. Посочува дека не е голем оптимист дека измените може да бидат донесени, ама нагласува дека ако има волја и тоа е возможно.
„Ако има политичка волја, постои и начин да се деблокира процесот. Ќе видиме каде ќе не однесе денешната расправа“,
вели Морачанин.
На дневен ред на денешната седница на Комисијата за политички систем се и предлог-измените на Законот за јавнообвинителска служба, поднесени од пратеници од коалицијата на СДСМ. И ова законско решение, со кое треба да се реши статусот на вработените во СЈО, е блокирано со неколку илјади амандмани, во чие поднесување предничи ВМРО-ДПМНЕ. Затоа, пак, најголем број од интервенциите за Изборниот законик се на ДУИ. Амандманската блокада што ја приреди ДУИ во однос на предлозите за нови изборни правила, пред околу два месеци, предизвика и искричења во владејачката коалиција.
Во претпоследната седмица од работата на овој парламентарен состав, во Собранието се чека да пристигнат и измени на Изборниот законик, што треба да ги поднесе Владата. Најголемите парламентарни партии, подолго од една година, преговараат во работни групи за измените со кои Изборниот законик треба да се приспособи на забелешките и препораките на ОБСЕ/ОДИХР, што произлегуваат од мониторингот на последните изборни циклуси во земјава.