Предлог законот за јавно обвинителство денеска помина во матичната собраниска Комисија за европски прашања.
Членовите на Комисијата за европски прашања ги разгледаа предлог-законот за јавно обвинителство и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители по скратена постапка, и одлучија да ги проследат во натамошна постапка, односно тие да одат на пленарна седница.
На текстот на законот за ЈО имаше само еден амандман поднесен од пратеникот Сурија Рушити, кој министерката за правда Рената Дескоска не го прифати и не беше усвоен од мнозинството во Комисијата.
Амандманот се однесуваше на членот 110 од новото законско решение кој се однесува на третманот на „бомбите“ при покренување обвиненија.

Поради овој член, кој предвидува „бомбите“ да не бидат основа за подигање обвиненија во иднина, од Алијансата најавија вчера дека нема да гласаат за новиот закон за ЈО.
Како што објасни претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби, пратеникот Панчо Минов иако најавил не поднел комисиски амандман на законот за ЈО.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, иако не се согласува со последното законско решение за ЈО, реши да не доставува амандмани.
„Двата закона веќе ги проследивме на пленарна седница и сега се во рацете на претседателот на Собранието Талат Џафери, кој откако ќе потврди дека имаме двотретинско мнозинство кое јас верувам дека веќе го имаме ќе ја свика пленарната седница за да се изгласаат“,
рече Груби.
Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека смета оти имаат двотретинско мнозинство со оглед на тоа како се одвивала дебатата на Комисијата за европски прашања и со оглед на тоа какво е расположението кај пратениците.
Груби изрази надеж дека ќе има и друга пленарна седница и оти ќе се усвојат и останатите закони што сега се во процедура, потенцирајќи дека граѓаните очекуваат тие да бидат донесени од овој парламентарен состав.
„Овие две точки на дневен ред заедно со уште неколку кои преостануваат во овој мандат за во март, најдоцна во мај да добиеме заслужен датум за почнување преговори за членство во ЕУ“, изјави Груби.
За законот за ЈО денеска треба да се изјасни и собраниската Законодавно-правна комисија.