Филипче беше министер од декември 2017 година. На негово место ќе дојде Беким Сали од Алтернатива, со кој вели дека не се познава лично, но ќе иницира состанок во наредните денови зашто, како што рече, сака да му го пренесе искуството. Пораката што ја испрати и до Сали и до сите други идни функционери е да бидат транспарентни и достапни за новинарите
Министерот Венко Филипче повеќе нема да биде министер за здравство, а пред заминување од функцијата, одговарајќи на новинарски прашања, кажа за што најмногу жали, а на што е најмногу горд за периодот на неговото министерување.
„Во однос на тоа за што најмногу жалам, е што не успеавме да го започнеме проектот за изградба нов клинички центар. Јас сум убеден дека тоа е единствениот начин да се унапреди здравствениот систем на највисокото ниво на здравствена заштита, а тоа е терцијарната. И покрај сите реновирања што ги прави за да се модернизираат условите во кои работиме, сепак новата модерна медицина, интегрираниот тип на здравствена услуга бараат и поинаква инфраструктура. Има нова апаратура што не може да се внесе во малите операциони сали кои ги имаме сега, тоа бара еден нов концепт. Апелирам опозицијата во периодот што доаѓа да го одблокира законот, тоа е одличен проект, граѓаните заслужуваат нова модерна болница“,
рече Филипче.
Кога станува збор за тоа на што е најмногу горд, тој рече дека ако треба нешто да издвои тоа е тимскиот дух што го имале изминатиот период и што сите политики ги носел заедно со колегите. Исто така, тој го истакна функционирањето во времето на пандемијата на ковид.
„Прво, горд сум што имавме одлична соработка и координација во едни од најтешките периоди во историјата на државата. За жал, нè снајде пандемија во целиот свет и кај нас. Ние здравствените работници покажавме со ентузијазам и со голема желба и љубов кон работата дека може да се успее во целокупниот третман на пациентите и реорганизација на пациентите. Успеавме да обезбедиме болнички кревети и третман за сите пациенти. Понатаму, горд сум на тоа што направивме сите процеси во Министерството за здравство да се одвиваат инклузивно – никој да не останува по страна и сите чинители да учествуваат во креирањето на политиките. Тука се колегите со стручните здруженија, здруженијата на пациенти со различни болести и граѓанските организации. Ме прави горд тоа што успеавме со голема помош на премиерот Зоран Заев, да инвестираме близу 30 милиони евра во изминатите четири години за да се зголемат примањата на здравствените работници и сега платите заедно со дежурствата се некаде речиси удвоени во однос на тоа што беа во 2017 година“,
рече министерот.
На списокот работи на кои е горд тој ги додаде и тоа што биле обезбедени оригинални лекови и е укинат паралелниот увоз, како и тоа што ниту еден пациент со ретка болест, според него, не останал без соодветен лек. Горд е, како што рече, и на тоа што се реновирани голем број здравствени установи.
Филипче дојде на функцијата министер за здравство во декември 2017 година, по заминувањето на Арбен Таравари. По првата влада на Зоран Заев, тој функцијата ја извршуваше и во техничката влада од јануари до крајот на август 2020, а остана министер и во актуелната влада која беше избрана на 30 август лани. Пред да дојде на министерската функција, шест месеци беше надворешен советник за здравство на премиерот Зоран Заев.
На позицијата ќе го наследи Беким Сали од Алтернатива, која ќе биде новиот коалициски партнер во власта. Филипче вели дека не се познава лично со неговиот наследник, но ќе иницира состанок во наредните денови зашто рече дека сака да го пренесе искуството. Пораката што ја испрати и до Сали и до сите други идни функционери е да бидат транспарентни и достапни за новинарите.