Во однос на најавеното ново законско решение кое ќе треба да ја регулира правичната застапеност на етничките заедници во јавната администрација, ресорниот министер денеска изјави дека не е важно кога тоа ќе биде донесено, туку она што е важно е да биде квалитетно, долгорочно и применливо
Од 2001 до 2015 година не постоел „балансер“ како дигитална алатка за правична застапеност на етничките заедници, а од 2015 година е воведен и траел до одлуката на Уставниот суд за негово укинување во 2024 година. Интересен е податокот дека во овој период, кога не постоел „балансерот“ имало поголем број на вработувања на етничките заедници отколку кога е воведен, изјави денеска министерот за јавна администрација Горан Минчев.

Министерот ова го кажа, одговарајќи на новинарско прашање за тоа кога ќе биде готово законското решение за правична застапеност во јавната администрација, кое треба да го замени „балансерот“ кој Уставниот суд го укина на 9 октомври годинава. Одлуката предизвика жестоки реакции од опозициската ДУИ, а од коалицијата „Вреди“ која е дел од актуелната власт рекоа дека имаат изработено законско решение кое ќе ја регулира оваа проблематика, но досега не го ставија на увид на јавноста.
Во одговорот на прашањето, Минчев рече дека не е важно кога ваквиот закон ќе биде донесен, туку дека тој треба да биде направен солидно и да не предмет на политики партии. Според него, законското решение треба да биде квалитетно, долгорочно и да има вистинска примена.
Говорејќи во тој контекст, Минчев рече дека, правичната застапеност на етничките заедници е уставна категорија која произлегува од Охридскиот рамковен договор.
„Во рамки на тоа посебно законско решение, мојот став беше тоа да биде направено солидно и да не е предмет на партии и политики, затоа што такви законски решенија не доведуваат во состојба како минатото законско решение, кое беше предмет на оценка на Уставниот суд“,
рече Минчев.
Во врска со ова законско решение, како што подвлече, треба да бидат вклучени експерти додавајќи оти втората фаза на негова имплементација е многу поважна од временскиот период кога ќе биде донесено.
„Кога ќе биде креирано такво предлог законско решение, тоа треба да биде испратено до Венецијанската комисија, да добиеме позитивно мислење и после тоа да го почнеме процесот на носење на тој закон“,
рече Минчев.
Инаку, министерот за јавна администрација денеска на прес-конференција ги презентираше клучните реформи во јавната администрација и предлог-законски решенија, кои како што рече, ќе значат пресвртница во управувањето со јавниот сектор.
Минчев посочи дека новите закони за вработени во јавниот сектор, за административни службеници, за стручно усовршување и обука на административните службеници и Законот за инспекциски надзор претставуваат темел за департизација, професионализација и зголемување на ефикасноста на јавната администрација.
Овие решенија, како што кажа тој во своето излагање, се резултат на транспарентен и инклузивен процес, во кој преку јавни дебати и консултации биле вклучени експерти, граѓански здруженија, синдикати, академската заедница, Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и меѓународни партнери, преку јавни дебати и консултации.
„Министерството се залага за департизација на јавната администрација, со цел вработувањата да бидат базирани на заслуги и компетенции; транспарентни процедури за вработување, со јавно достапни огласи и фер процес на селекција; континуирана обука и развој, преку нова Академија за администрација; рационализација и заштеда на буџетски средства, преку реорганизација на инспекциските органи и објективно следење на учинокот и унапредување на административните службеници“,
велат од Министерството за јавна администрација.
Една од клучните промени, како што се наведува е префрлањето на Агенцијата за администрација под надлежност на Министерството, што треба обезбеди поголема координација и отчетност.
Како дел од реформите, се најави и усогласување на платите на административните службеници со општиот колективен договор, што ќе доведе до просечно зголемување платите за осум проценти од 1 март следната година.
„Со овие реформи докажуваме дека јавната администрација е сервис на граѓаните, а не алатка за политички интереси. Ова е чекор напред кон модерна и професионална администрација која ќе ги исполнува европските стандарди“,
изјави Минчев.
