Тогашниот пратеник Благој Хаџиски испратил апел – при пишувањето на новиот устав да се размисли за географска одредница во името на државата за да се потсетува дека македонскиот народ остварил државност само на еден дел од неговата територија. Ако слушнеме вест од Северна Каролина, рекол пратеникот, тоа алудира на фактот дека постои и Јужна Каролина. Ваквата негова идеја, како што пишува во стенографските белешки од седницата на Собранието во април 1991 година, била проследена со аплауз од пратеници
На референдумот за независност на Република Македонија одржан на 8 септември 1991 година, му претходеа неколку важни одлуки на првиот повеќепартиски состав на Собранието.
Една од нив е промена на Уставот со која од тогашното име на државата Социјалистичка Република Македонија се отстранува зборот „Социјалистичка“ како идеолошка одредница. Ваквата иницијатива е на дневен ред на собраниска седница на 16 април 1991 година.
Станува збор за предлог на ВМРО-ДПМНЕ, кој бил прифатена како заедничка иницијатива од сите пратенички групи. Стенографските белешки сведочат дека кога станува збор за името на државата, уште тогаш имало идеја за вметнување географска одредница.
Објаснувајќи ја иницијативата за отстранување на зборот „Социјалистичка“ од името на државата, тогашниот потпретседател на Собранието и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Драги Арсов, вели:
„Со овие уставни промени и симболички се напушта институцијата и обележјето на идеолошко-политичката држава, како и постојните социјалистички и еднопартиски ознаки што се анахронистички обележја на она општествено-политичко уредување кое доживеа или доживува слом не само во Македонија туку и во другите земји. На патот кон натамошната демократизација на односите во Македонија, со овој уставен амандман ја усвојуваме терминологија и устројството на правната држава на модалитетите што не доближуваат до демократските повеќепартиски и републикански облици на државното уредување“.
За дискусија се пријавуваат повеќемина пратеници, од кои последен е Благој Ханџиски од СДСМ (во февруари 1991 г. името на партијата од СКМ-ПДП е променето во СДСМ). Во обраќањето, тој вели дека го поддржува бришењето на „Социјалистичка“, но се фокусира на порака до пратениците и интелектуалците кои ќе го пишуваат новиот устав по прогласувањето независност да размислат дали во името треба да се вметне и географска одредница. Неговото објаснување е дека треба да се знае дека македонскиот народ остварил државност само на еден дел од неговата територија.
„Сметам дека е момент и прилика да се испрати еден апел и до сите нас пратениците на парламентот на Република Македонија, до членовите на уставната комисија, до македонската јавност до севкупниот македонски интелектуален колективитет, во текот на подготовките за уставот да се изоцени дали не треба во името на Македонската држава или со името на Македонската држава постојано да потсетуваме дека државност македонскиот народ оствари само на еден дел од неговата територија. Ако слушнеме информација или вест од Северна Каролина, тоа алудира на фактот дека постои и Јужна Каролина. Ако слушнеме податок од Јужна Кореја, тоа алудира на фактот и Северна Кореја. Затоа, молам македонската јавност да изоцени во текот на подготовките на новиот устав дали нема потреба во името на Македонската држава постојано да потсетуваме дека државноста е остварена само на еден нејзин дел од територијата“,
вели тогашниот пратеник Благој Хаџиски чиј говор, како што пишува во стенографскиот записник, бил проследен со аплауз.
Хаџиски беше професор на Електротехничкиот факултет, а во првиот повеќепартиски парламентарен состав со мандат од 1990 до 1994 година беше пратеник од редовите на СДСМ (СКМ-ПДП). Во периодот од 29 мај 1997 до 30 ноември 1998 беше и министер за надворешни работи, а подоцна и амбасадор на земјава во Софија и во Атина.