Предметот за модуларната болница е распределен кај судија кој во наредниот период, по разгледување на обвинителниот предлог, треба да ја закаже главната расправа, велат од тетовскиот суд
Пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој изгореа 14 лица, се случи на 8 септември минатата година, а Основното јавно обвинителство во јули годинава поднесе обвинителен предлог против три физички и едно правно лице
Основниот суд во Тетово денеска соопшти дека предметот за модуларната болница е распределен кај судија кој во наредниот период, по разгледување на обвинителниот предлог, треба да ја закаже главната расправа. Предметот е распределен согласно информацискиот систем за автоматско управување со судски предмети (АКМИС).

Фото: „360 степени“
„Предметот поврзан со модуларната болница во Тетово, по поднесен обвинителен предлог од страна на ОЈО Тетово со бр. КО 531/22 со кој се обвинети Ф.Б и А.Е за кривично дело тешки дела против општата сигурност и Б. В. за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија додека правно лице ЈЗУ Клиничка болница – Тетово за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, е распределен кај судија од кривичниот оддел со предмет К бр. 450/22. По прием и разгледување на обвинителниот предлог ќе биде закажана главната расправа“,
соопштија денес од Основен суд Тетово.
Пожарот во модуларната болница се случи на 8 септември 2021 година кога 14 лица ги загубија животите. По повеќемесечна истрага Основното јавно обвинителство – Тетово на 27 јули 2022 година до надлежниот суд поднесе обвинителен предлог против три физички и едно правно лице.
Обвинети се поранешниот директор на болницата, Флорим Бесими, поранешниот економски директор Артан Етеми и доктор кој раководел со ковид-центарот. Прво и второобвинетиот, како што велат од ОЈО Тетово, се товарат дека сториле по едно кривично дело тешки дела против општата сигурност, додека третиот е обвинет за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
Правното лице, пак, тетовската Клиничка болница се гони за две кривични дела – предизвикување општа опасност и непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.