Ова во изјава за МИА го соопштиле од Министерството, посочувајќи дека Предлог-иницијативата се проверува од технички аспект, по што ќе биде дадена на превод на албански јазик. Откако конечно ќе биде подготвена, таа ќе биде испратена во Владата на понатамошно разгледување
Пред да биде испратена во Владата, Предлог-иницијативата за уставните измени, со која Бугарите и други народи ќе треба да се внесат во Преамбулата од Уставот, се разгледува во Министерството за правда.
Ова во изјава за МИА го соопштиле од Министерството, посочувајќи дека Предлог-иницијативата се проверува од технички аспект, по што ќе биде дадена на превод на албански јазик.

Откако конечно ќе биде подготвена, таа ќе биде испратена во Владата. Владините претставници, пак, потоа на седница ќе треба да ја разгледаат и усвојат, по што Предлог-иницијативата ќе биде доставена до Собранието.
Работната група за уставните измени на 26 мај ја усвои Предлог-иницијативата за уставните измени, според која, освен бугарскиот, во Преамбулата на македонскиот Устав треба да влезат и хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ.
„Втората измена е во делот што зборува за дијаспората и во амандманот 35 кој е заменет со член 49 и амандманот 2. Во овој амандман на Уставот со кој се заменува членот 49 и амандманот 2, после бошњачкиот народ се додаваат истите овие зборови – народи кои беа спомнати во Преамбулата“,
изјави претседателката на работната група Маргарита Цаца-Николовска, по усвојувањето на Предлог-иницијативата.
Премиерот Димитар Ковачевски во саботата изјави дека Владата со големо внимание ќе ја проследи Предлог-иницијативата за уставните измени, бидејќи, како што рече, ова во моментов е најзначаен процес во државата.
Темата за уставните измени, според најавите, ќе се најде на маса на средбата меѓу Ковачевски и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, која ја иницира премиерот.