Лидерот на опозициската СДСМ рече и дека и покрај изјавите дека владината коалиција е стабилна, последните случувања говорат поинаку

Јас сметам дека правото на протест е уставно загарантирано право, но воопшто не сметам дека тоа треба да биде злоупотребено во политички цели – рече лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на новинарско прашање дали неговата партија би соработувала со ДУИ по последните изјави на лидерот на партијата Али Ахмети, кој кажа дека доколку поранешниот министер за економија Крешник Бектеши биде осуден, тој ќе излезе на протести од кои нема да има враќање назад.
„Ние веќе го започнавме процесот на разговори и пронаоѓање партнери за следниот период, за циклусот на локални избори, еден дел од преговорите постепено веќе се заокружуваат, други траат, а трети допрва ќе почнат“,
кажа Филипче.
Дополнително, тој вели дека досега нема остварено средба со Арбен Таравари, чија партија одлучи на претстојните избори да настапи самостојно, а воедно кажа и дека покрај најавите и изјавите на претставници на владејачкото мнозинство дека владината коалиција е стабила, сепак последните случувања го докажуваат и покажуваат спротивното.
„Кога еден дел од коалицијата се отцепува, тоа е знак дека не е стабилна. Да почекаме да видиме како ќе се одвива тој процес, ќе следи динамичен период“,
изјави Филипче.
Во однос на кандидатите за градоначалници, лидерот на СДСМ рече дека процесот на селекција е започнат и оти како партија ќе се обидат да ги промовираат најдобрите кандидати во општините кои уживаат најголема доверба кај граѓаните и кои можат да ги испорачаат програмите, дополнувајќи дека дел од идните кандидати се веќе познати оти поголем дел од нив се актуелни градоначалници кои најверојатно повторно ќе добијат поддршка од партијата.