„ Почитувани граѓани на Република Македонија. Почитувани претставници на медиумите“ – изјави Фатиме Фетаи на албански јазик од говорницата на СЈО на 28.03.2016 година. Говорницата на СЈО е единственото место каде обвинителката Фатиме Фетаи се обратила на албански јазик. Кога им се обраќа на институциите или на судот, според актуелните закони, таа можност не постои. Писмено и усно, службен јазик за неа во кривичната и другите постапки е само македонскиот. Дури и сите во судница да го говорат албанскиот јазик, обвинителот и судијата мора да се служат со единствениот службен – македонскиот.
Со предложените измени на Законот за употреба на јазиците, во план е тоа да се смени:
„ Сите постапки … се водат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо доколку судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката е лице кое зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија.“- предвидено е во член 9, став 2 во предлогот на закон за употреба на јазиците.
Но, тука се надзира проблем. Законот за употреба на јазиците во кој се предвидени измените се носи со просто мнозинство. А законите со кои се уредени актуелните одредби за службениот јазик, за кривичната и другите судски постапки, се системски и се носат со согласност од две третини од пратениците.
„ Во законот за употреба на јазиците е даден рок од една година од донесувањето да се усогласат сите други закони со него. Ако тоа не се случи и со процесните закони во судството, што е невозможно без поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, судиите и обвинителите ќе се соочат со проблем – кој јазик да го употребуваат во постапките?“
Универзитетската професорка Беса Арифи нема дилеми дека во случај на неусогласеност, правосудството ќе си ги следи своите процесни закони.
Независно, вели, што предлог законот за употребата на јазиците предвидува:
„ Во случај на неусогласеност на одредбите на овој закон со јазичните одредби на друг закон, органите се должни да ги применуваат одредбите од овој закон. “ – пишува во член 23 став 5 од предлог на Закон за употреба на јазиците
„ Законот за јазиците е закон кој се гласа со просто парламентарно мнозинство во Собранието и тргнувајќи од ова не може да е директен извор во кривична постапка. Но, треба да се инкорпорира во Законот за кривична постапка. Во овој случај судијата секогаш би требало да биде упатен на Законот за кривична постапка. Кога ќе има колизија меѓу Законот за кривична постапка и некој друг закон како што во овој случај е Законот на јазиците, предност секогаш ќе има Законот за кривична постапка. Така што, додека овој Закон не се измени согласно предвидените членови во Законот за јазици, тогаш судијата и по една години не ќе може да му даде предност на Законот за јазиците пред Законот за кривична постапка.“- толкува универзитетската професорка Беса Арифи.
Но, дури и опозицијата да покаже волја и законите да се усогласат, измените ќе повлечат потреба од стотици преведувачи во судовите и во обвинителствата. И тоа, не било какви преведувачи, туку такви кои имаат извонредно познавање на правната терминологија.
„ Така е, преводот во судското рочиште е многу битен бидејќи, како што рековте, станува збор за човечки живот и станува збор за многу прецизни работи. Една мала измена во изјавата на сведокот или некоја друга изјава може да значи многу за лицето кое е обвинето или е жртва на кривично дело. И мислам дека од технички аспект тука потешкотии би имало во смисла дека нашите судници не се опремени со опрема за симултан превод. Нашите судници имаат и други недостатоци на техничка подготовка. На пример, според Законот за кривична постапка, треба судските рочишта да се снимаат аудио и визуелно. Нашите судници немаат опрема за да го исполнат ова барање што Законот за кривична постапка го има од времето кога е изгласан во 2010 и е на сила од 2013 година.“- предупредува професорката Беса Арифи
Преводот во македонските судови и обвинителство постои и сега, но е ограничен само во случај кога осомничено, обвинето или оштетено лице во некоја постапка не го разбира македонскиот јазик.
Судот на правдата на ЕУ, кој е со седиште во Луксембург, е најкомплексен во однос на прашањето на јазикот. Практично секој од официјалните јазици на 28-те земји членки може да биде и официјален јазик во одреден случај. Преведувачите на располагање имаат терминолошки речник на правни изрази кој постојано се надополнува. Но, во исто време, преведувачите се правници и имаат целосен пристап до документите и доказите за предметите на кои работат.
„ Преведувачите се обврзани со апсолутна доверливост и имаат целосен пристап до досието на предметот, со цел да се запознаат со релевантните правни прашања и терминологија. “– се вели во дел од правилата на Судот на правдата на ЕУ.
Со два официјални јазика, француски и англиски, се служи Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Искуството на поранешната судијка од Македонија во овој суд, Маргарита Цаца Николовска, говори дека и таму се посветува големо влијание кој преведува.
„ Секогаш, официјалните преведувачи беа лица коишто се регрутирани за вакви специјални изведени работи и тие доаѓаа или од Совет на Европа или доаѓаа од една, како да кажам, не е тоа здружение туку од една организација која се бавеше исклучиво со тоа.“- вели поранешната судијка во Судот за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска.
Но, Николовска додава дека преведувањето во Стразбур е далеку поедноставна операција од она што предвидува новиот закон во Македонија. Причината е што, за разлика од Стразбур, во обичните судови секогаш има главна расправа, сведоци, соочувања – или многу повеќе усна и писмена коресподенција за превод. Друго важно прашање кое во предлог законот за употреба на јазиците го нема е – која пресуда ќе се смета за оригинална а која за преведена. Бидејќи грешка во преводот може да има далекусежни последици.
„ Некогаш пресудата оригинално беше англиски, некогаш француски. Зависеше многу често од комуникацијата што е водена помеѓу странките и од правникот којшто го третирал предметот. Во пракса тоа значеше дека- се до оној момент додека опсервации не се доставени од страна на државата а понатаму одговорот на тие опсервации исто така можеа да бидат на на англиски или на француски. Текстот на пресудата најчесто одеше на оној јазик на којшто се доставени опсервациите и на коишто се доставени одговорите на опсервациите.“- објаснува Маргарита Цаца Николовска
Покрај политичката волја, која очигледно постои, успешноста на воведувањето на албанскиот како втор јазик во правосудството ќе зависи и од парите. Владата очекува оваа сметка да си ја платат судовите и обвинителствата. А таа и годинава не го испочитува законскиот минимум за судскиот буџет да изнесува барем 0,8 отсто од БДП.
Напишете коментар