Амбасадорката на Германија на средбата констатирала дека нејзината земја досега дала поддршка за потребите на Уставниот суд преку германската фондација ИРЗ и најавила дека заложбите за заедничка соработка ќе продолжат и во следниот период
Правната држава е основна тема за пристапните преговори на С Македонија со Европската Унија, нагласила амбасадорката на Германија во земјава, Петра Дрекслер, на средбата со претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска, која се одржала вчера во просториите на Судот.
„Од тие причини, работата на Уставниот суд е аспект кој се зема предвид во Извештајот за напредокот на земјата од страна на Европската комисија (ЕК) за Северна Македонија“,
рекла Дрекслер, соопштија од Уставниот суд.

Инаку, како што информираат од Уставен, на средбата станало збор за актуелната состојба со пополнетоста на судиските места, а тема на дискусија бил и напредокот на Судот во однос на транспаретноста и ажурното решавање на предметите во изминатите три години, колку што Кацарска е на негово чело. Во тој контекст се наведува дека Уставен речиси 17 месеци поради некомплетен состав работеше на раб на кворум, а останатиот период функционираше без една третина од судиите бидејќи постапката за избор на судии заглави во Собранието.
Кацарска, од нејзина страна, информирала дека во Судот е значително намален просекот на времетраање на постапките, од девет на шест месеци, а според последните статистички податоци постапките се решаваат во просек за помалку од три месеци.
„Од аспект на надградба на капацитетите на Уставниот суд, истакнато е дека со сопствени финансии Судот реализираше крупни капитални инвестиции во последните две години со акцент на опремувањето на сервер салата, безбедносни врати, просторија за класифицирани информации“,
се наведува во соопштението од Уставен.
Амбасадорката на Германија на средбата констатирала дека нејзината земја досега дала поддршка за потребите на Уставниот суд преку германската фондација ИРЗ и најавила дека заложбите за заедничка соработка ќе продолжат и во следниот период.
Дрекслер ја поддржала важната улога на уставните судови за обезбедување на владеење на правото и ги поздравила напорите на претседателката на Уставниот суд на земјава за ефикасност во работењето и зајакнувањето на безбедносните аспекти внатре во Судот.
Инаку, Кацарска неодамна беше домаќин на конференција на која се дискутираше за институтот уставна жалба, чие воведување во правниот и уставен поредок на земјава е една од главните заложби на претседателката на Уставниот суд.
Конференцијата насловена „Повеќе правна заштита за граѓаните преку сеопфатна и ефективна уставна жалба“ која се одржа во Скопје кон крајот на ноември беше поддржана од германската фондација за меѓународна правна заштита – ИРЗ.
Што се однесува до пополнетоста на составот на Уставен, во моментот тој функционира со осум судии, односно еден помалку од целосниот број на судиски места.

Дали и ова место ќе биде пополнето се очекува да биде познато по 7 февруари кога на дневен ред на 140. пленарна седница на Собранието е и точката за избор на уставен судија.
Кандидат за оваа позиција е универзитетската професорка од Правниот факултет „Јустинијан Први“, Ана Павловска-Данева.
Пред три дена таа го помина филтерот на собраниската Комисија за прашањата за изборите и именувањата, чии членови со седум гласа „за“, три „против“ и ниту еден „воздржан“ го поддржаа предлогот на СДСМ за член на Уставниот суд.
Во текот на комисиската расправа и пред гласањето пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во матичната собраниска комисија немаа забелешки за квалификуваноста на Павловска-Данева, но како спорно го оценија тоа што е предлог на СДСМ, партија чиј потпретседател едно време била и таа самата.
Инаку, предлогот за професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ да биде нова уставна судијка дојде откако на 24 јануари по речиси година и половина расправа во Собранието беше повлечен предлогот за доскорешниот републички обвинител Љубомир Јовески да биде уставен судија.