Од Правда за „360 степени“ велат дека уште од утрово е почната постапката и од институциите веќе се собираат потребните информации и документацијата за спроведување на постапката за екстрадиција на Палевски
Министерството за правда во текот на денот се очекува да го подготви барањето за екстрадиција за Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, кој вчера беше уапсен во Турција.
Од Правда за „360 степени“ велат дека уште од утрово е почната постапката и од институциите веќе се собираат потребните информации и документацијата за спроведување на постапката за екстрадиција.
Оттаму додаваат дека кога сè ќе биде подготвено министерот за правда Кренар Лога ќе одржи прес-конференција.
Утрово министерот за правда, во изјава за 4NEWS.mk, вели дека со почетокот на работниот ден ќе започнат со подготовка на соодветната документација за екстрадиција на Љупчо Палевски-Палчо.
Палевски е уапсен вчера во близина на турскиот град Баликесир откако по него беше распишана меѓународна потерница.
Информацијата за апсењето на Палевски и деталите синоќа на прес-конференција ги изнесе министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Спасовски пред новинарите ја покажа потврдата од турските власти дека е уапсено лицето кое се бара по потерница од македонската полиција, распишана преку Интерпол.
Покрај потврдата, тој покажа и фотографии од Палевски направени по неговото апсење.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерот ја објасни, односно даде реконструкцијата на траекторијата на движење на првоосомничениот за грозоморните убиства по напуштањето на С Македонија.