Владата секој вторник одржува редовна седница, но засега не се знае дали на дневниот ред на утрешното владино заседание ќе се најде и предлог-иницијативата за уставните измени или таа ќе биде разгледана дополнително. Откако Владата ќе ја разгледа и усвои, иницијативата за промена на Уставот потоа ќе биде доставена во парламентот
Откако ја разгледа предлог-иницијативата за уставни измени, Министерството за правда ја испрати иницијативата на понатамошно разгледување во Владата.
По усвојувањето од страна на работната група за уставни измени, предлог-иницијативата за промена на Уставот потоа се проверуваше од страна на Министерството за правда, по што беше преведена и на албански јазик.
Владата секој вторник одржува редовна седница, но засега не се знае дали на дневниот ред на утрешното владино заседание ќе се најде и предлог-иницијативата за уставните измени или таа ќе биде разгледана дополнително. Откако Владата ќе ја усвои, иницијативата за промена на Уставот потоа ќе биде доставена во парламентот.
Потенцијалното разгледување на предлог-уставните измени на утрешната владина седница би дошло на еден ден пред најавената лидерска средба помеѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на која, според најавите, во главниот фокус ќе бидат разговорите за усвојувањето на уставните измени од страна на Собранието и продолжување на европската интеграција на земјава.
Работната група за уставните измени на 26 мај го усвои предлогот за промена на Уставот, според кој, освен бугарскиот, во Преамбулата на македонскиот Устав треба да влезат и хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ.
„Втората измена е во делот што зборува за дијаспората и во амандманот 35 кој е заменет со член 49 и амандманот 2. Во овој амандман на Уставот со кој се заменува членот 49 и амандманот 2, после бошњачкиот народ се додаваат истите овие зборови – народи кои беа спомнати во Преамбулата“,
изјави претседателката на работната група Маргарита Цаца-Николовска, по усвојувањето на Предлог-иницијативата.
Засега е неизвесно дали во Собранието ќе бидат прифатени уставите измени имајќи предвид дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ е децидна дека нема да ги поддржи под како што вели, овие околности.
Кои се околностите за коишто опозициската партија вели оти се неприфатливи, одговори партискиот лидер Христијан Мицкоски во минатонеделното дебатно издание на емисијата „360 степени“.
„Па, сум зборувал за ова, политичари што сакаат да имаат политички авторитет и политичари со народен кредибилитет, најпрво треба да излезат пред народот и да му кажат – видете, луѓе, имаме проблем, проблемот е на маса, овие го прифатија овој проблем, надвор од ваша волја, надвор од волјата на политичките партии во Македонија, ние ова не можеме да го прифатиме вака како што е и затоа го нудиме ова и ова решение“,
изјави Мицкоски, велејќи дека таквиот политички авторитет и кредибилитет се добива на избори.
Очекувањата се дека уставните измени би биле испратени во Собранието кон средината на овој месец, но за да бидат усвоени потребно е двотретинско мнозинство или најмалку 80 пратеници.